1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Квадратен метар во Белград за 400 евра?

1 април 2017

Можно е - ако идните станари сами ја направат зградата, без инвеститорите и нивните вртоглави профити. Државата би можела да помогне околу кредитите и земјиштето.

https://p.dw.com/p/2a2ID
Symbolbild Eigenheim Haus Hand
Фотографија: Fotolia/drubig-photo

„Дали сте заинтересирани за изградба на солиден стан во Белград по цена од 300-400-500 евра по квадратен метар? Невозможно?“ За четириесетина луѓе кои пред пет години се јавија на овој оглас во весниците не звучеше така. Становите по пазарни цени не можеле да си ги дозволат, па се одлучиле зградата да ја направат сами. Идејата се вика „Попаметна зграда“, а „попаментно“ на прво место значи поевтино. Сакаме да градиме вон пазарните принципи – без профит и без шпекулации, изјави за ДВ архитектката Ана Џокиќ од организацијата „Кој го гради градот“, која ја покрена иницијативата.

Според анализите на Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура, повеќе од 90 проценти од граѓаните со своите месечни примања не можат да си обезбедат покрив над главата. Статистиката вели дека граѓаните би можеле најмногу да издвојат од 15 до 20 проценти од месечните примања, што за просечното домаќинство во Белград изнесува од 80 до 100 евра месечно – вкупно за стан и комуналии.

Од „Кој го гради градот“ тврдат дека е можно. Според нивните калкулации, цел објект со 40 станови со просечна големина од 43 квадрати, би можел да се изгради за цена од 460 евра по квадрат. Сопствениците на становите би требало да вложат само 20% од парите однапред, а останатите да ги исплаќаат во наредните триесет години, а оние кои немаат никакви приходи или заштеда, би можеле на проектот да го посветат полното работно време. „Луѓето би можеле да се вклучат и физички да градат и на тој начин да го отплаќаат станот. Еден месец работа би бил еден квадрат од станот“, објаснува Ана Џокиќ.

Минус инвеститор, плус држава

И понатаму звучи како бајка? Навистина, како до таа релативно ниска цена? Прво, од равенката треба да се исфрлат инвеститорите и нивните профити. „Во Србија тој процент во одреден период изнесуваше и до сто отсто, што значи дека двојно ја наплаќале својата услуга во однос на тоа колку чинела реализацијата на објектот. Во некои понормални стиуации тоа е околу 30%“, објаснува Џокиќ.

Serbien Wer baut die Stadt
Дваесетина луѓе со помош на организацијата „Кој го гради градот“ размислуваат како да изградат сопствена зграда од соништатаФотографија: Ko gradi grad

За натамошно намалување на цените неопходна е помош од државата. Анализата која ја направи Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура уште во 2009 година покажува дека цената на изградбата би можела да се намали за 60 отсто во однос на пазарната доколку се гради под непрофитни услови. Тоа подразбира, државата, на оние кои се здружуваат да изградат стан под поволни услови, да им овозможи да дојдат до земјиште и добијат кредит. Каматата би била половина од пазарната, а државата не би наплатила ДДВ и данок на имот.

Таа пресметка ја прифати и „Попаметна зграда“, но оди и чекор понатаму. Во проценетите сто евра месечно мораат да се вклопат и отплатата на станот и режиските трошоци: „Затоа енергетската ефикасност е една од важните работи, затоа што можеш да направиш нешто, но подоцна тоа да те чини ужасно скапо затоа што, на пример, не постои изолација. Ние предвидовме панелен систем на изградба. Тие панели се произведени од дрвена рамка и се исполнети со балирана слама. Тој материјал сам по себе е изолатор и нема потреба од дополнителна изолација и целосно е природен, па така, нема негативен ефект на околината и на долг рок е многу евтин“, објаснува Џокиќ.

Помош на хартија

Дека истите тие мерки се неопходни порачуваат и од станбените здруженија кои се борат да се вратат во видокругот на државата. За време на социјализмот тие биле многу активни, а податоците говорат дека до 2000 година тие изградиле 100.000 станови. Со приватизацијата и ексклузивното право да се занимаваат со надоградување на станбените згради, задругите се впуштија во инвеститорските води и нивниот карактер се промени.

Денес нивната активност е помала, но од „Кој го гради градот“ потсетуваат дека здружениот модел на организација на сопствеништото е најсоодветен за колективна градба, т.е. дека е неопходно повторно да заживеат задругите. Тие се и понатаму во најголем број непрофитни, но на пазарот работат на ист начин како и економските друшта, бидејќи немаат никакви погодности, ниту посебни услови кои ги имаа порано. „Финансирањето на здружената изградба е секако најтежок и засега нерешлив проблем. Со згаснувањето на штедно-кредитните задруги и Беобанка како развојна банка за станбените задруги, се укинаа сите достапни начини на финансирање на изградбата на станови. Постоечките задруги се принудени да работат под пазарните услови, затоа што други можности нема“, вели за ДВ, Сузана Јовиќевиќ од Сојузот на станбени задруги на Србија.

Belgrad auf dem Wasser
Белград на вода – ова секако не е за сечив џебФотографија: beograd.rs

Колку е расположена државата за такви потези можеби најдобро илустрира тоа што станбените задруги се целосно изоставени од првобитната верзија на текстот на новиот закон за домување кој беше донесен на крајот на минатата година. Откако „Кој го гради овој град“ во соработка со други организации изврши притисок, тие сепак се најдоа во финалната верзија, но само во една реченица. Малку подетално со нив се занимава Законот за задругите, кој експлицитно наведува дека локалните самоуправи „го поттикнуваат и помагаат развојот на задругите“. Но, во пракса тоа не е случај.

„Најдоброто решение за понатамошна работа и развој на станбените задруги би било стриктно да се применуваат постоечките закони, а регулативата да се надоградува така што Републиката и локалната самоуправа, во соработка со министерството за економија, би утврдиле посебни погодности за станбените задруги преку мерки од земјишна, даночна и кредитна политика“, објаснува Јовичевиќ.

„Ќе покажеме дека може“

„Попаметна зграда“ е наградена како најдобра идеја на еден конкурс на општината Савски венец. Тимот на стручњаци кој го ангажираше општината заклучи дека проектот е изводлив, но само во случај државата или градот под поволни услови да го обезбедат земјиштето, даноците да се пресметуваат на поинаков начин и почетниот капитал да се добие под поволни услови. „Меѓутоа, општините немаат земјиште во своја сопственост, немаат надлежност и смеат да даваат дозволи само за проекти до 800 квадрати, а ова е околу 2.000 квадрати. И потоа се враќаме на улогата на државата во тој процес за таа работа да може да биде изводлива“, објаснува Џокиќ.

Serbien Ana Džokić
Ана ЏокиќФотографија: privat

Иако истите точки во анализата стара осум години ги констатираше и самото министерство, конкретни решенија и натаму нема, нема ни стратегија или акционен план. Дали се работи на тоа? ДВ не доби одговор од ресорното министерство.

Без разлика на одлуката на државата, активистите од „Кој го гради градот“ решија да покажат дека нивната мисија е возможна. Дваесетина граѓани се состануваат на тркалезни маси за да изнајдат локација и начин да почнат со изградбата на зграда. „Ќе го истуркаме пилот - проектот како знаеме и умееме. Ќе обезбедиме почетен капитал со заем од станбените задруги од некои други земји во кои тоа е веќе доста развиено за да изведеме нешто што ќе биде добар пример, нешто видливо, што потоа ќе го протурка прашањето за законски да се реши“, заклучува Ана Џокиќ.