1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кацав пред тешки маки

16 октомври 2006

По повеќемесечна истрага поради сексуално искористување, израелската полиција предложи обвинение против претседателот Моше Кацав. Решението за тоа сега е во рацете на израелското јавно обвинителство. Иследниците вчера соопштија дека Кацав треба да се најде пред суд поради силување.

https://p.dw.com/p/AdwT

Во полицискиот извештај уште се вели дека основа за тужба има и поради прекршување на функцијата и илегално прислушување.

Сега станува густо за израелскиот претседател: специјалните иследници на полицијата на јавниот обвинител му препорачаа да покрене тужба против Моше Кацав поради силување, сексуална злоупотреба, илегално прислушување, измама, злоупотреба на довербата и нерегуларности при делењето подароци. Според полицијата, има доволно докази за тоа против претседателот да се покрене процес. Најтешкото обвинение на иследниците: 60-годишниот Кацав силувал две жени. Како што јавуваат израелските медиуми повикувајќи се на полицискиот извештај, доказниот материјал е доволен за покренување тужба. „Ако претседателот знае што знам јас, тој одамна ќе поднесеше оставка и ќе ги поштедеше јавноста и себе од поголема срамота„ цитира денеска весникот „Хаарец„ еден висок соработник на министерството за правда. Кацав силувањата ги започнал уште во времето кога бил министер за туризам. Тогаш злоупотребил две негови соработнички. Жените се веродостојни и во обвинувањата има многу докази, веруваат иследниците. Една од главните сведоци која во израелската јавност е позната само под буквата „А„ и работела една година во претседателската служба, изјавила дека и олеснило што полицијата и верувала неа, а не на претседателот. Цион Амир, адвокат на Кацав, тврди дека претседателот бил уценуван од „жената А„:

„Таа сакаше пари, а претседателот го сними тој разговор. Таа лента е во рацете на полицијата„.

Раци Баркаи, израелски новинар, за Кацав гледа само една иднина:

„Тој е во голема мака. Мислам дека тоа нема да го скрши израелскиот систем, ниту ќе предизвика оставка на владата. Но, тој го заврши своето и мислам дека ќе поднесе оставка„.

Инаку, на полицијата и се јавија вкупно десет жени кои го обвинуваат за сексуална злоупотреба. Освен тоа, полицијата има докази дека Кацав ккао претседател илегално ги прислушувал своите соработници. Решението за тоа дали првпат во израелската историја еден претседател на државата ќе се најде на суд, сега е во рацете на јавниот обвинител Масус.