1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катица Јанева се повлекува од СЈО

БГ
15 јули 2019

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева попладнево соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата. Оставката ќе важи откако партиите ќе договорат нов закон за СЈО и ќе изберат наследник.

https://p.dw.com/p/3M6Qt
Mazedonien Katica Janeva neuer Generalbundesanwalt
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Катица Јанева се повлекува од челното место во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителката која неполни четири години беше на чело на СЈО во изјава до јавноста наведува дека не сака да дозволи нејзиното име да биде користено за меѓупартиски пресметки.

„Денеска ја користам приликата да ја информирам јавноста дека јас нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби со кое во заложништво ќе се држат судбината на Специјалното јавно обвинителство и европските интеграции на мојата земја.“

„Ја депонирам мојата оставка која ќе стане активна тогаш кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат мојот наследник“, пишува Јанева во оставката.

Името на Јанева се најде на тапет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во преговорите за новиот закон за Јавното обвинителство. Опозициската партија бараше смена на Јанева и сопирање на сите истраги отворени по 1 јуни 2017 година. Претходно, Јанева најавуваше дека ќе конкурира за реизбор на функцијата. Нејасно е што ѝ го промени мислењето токму во овој момент? 

„Додека можам да бидам специјален јавен обвинител, ќе останам до крај, не поради тоа што сакам, туку затоа што сметам дека заслужувам да бидам на чело на оваа институција“, изјави Јанева во мај годинава.

Премиерот Зоран Заев денеска од прес-конференција, која заврши неколку минути пред објавата на оставката на Јанева, ги покани политичките партии на лидерска средба на која, меѓу другото, треба да се разговара и за Законот за јавно обвинителство.

Паралелно со веста за повлекувањето на Јанева, во јавноста одекна и информацијата за апсењето на менаџерот на 1Тв Бојан Јовановски познат како Боки 13. Според неофицијални сознанија, Јовановски е уапсен поради случај кој против него го води Обвинителството за организиран криминал.

Името на Јовановски веќе извесно време се вртеше во јавноста во врска со наводите за рекетирање на бизнисмени и политичари, а стигна и до Собранието откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара од премиерот Заев да го коментира случајот. Заев одговори дека слушнал за случајот и дека од институциите добил одговор оти се води истрага.

Самиот Јовановски во интервју на својата телевизија пред нешто повеќе од две недели демантираше дека рекетирал и дека заедно со Катица Јанева вршеле притисок врз бизнисмени.