1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карневал? Бегај додека е време!

Анѓелко Шубиќ
27 февруари 2017

Карневалот во Келн е време кога во градот владее општа веселба. И сите се весели? Не баш: нашиот соработник Анѓелко Шубиќ еден од оние кои за време на карневалот бегаат од Келн. Еве и зошто.

https://p.dw.com/p/2YCnQ
Weiberfastnacht Köln Karneval
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Berg

И јас сум еден од оние кои смееја да уживаат во гостопримството на она што Си-Ен-Ен подоцна белосветски редовно ќе го нарекува „Џи-Ен-Еј“. Сега госпоѓите и госпоѓиците сигурно ќе бидат на работ на одлуката да престанат да читаат. Зашто кога (меѓу мажите) приказната ќе почне така, тогаш речиси сигурно (повторно) доаѓа „една од оние“ приказни од војска. Иако, за нивна утеха и како фуснота, на дамите може да им откриеме тајна: постојат само два вида такви приказни. Верзијата број еден: беше гадно, но бев паметен, па се извлеков („smart-guy приказна). Втората: беше гадно, ама издржав („tough-guyприказна).

Како чест посетител на воениот стационар (тоа сега е мојата приказна во тоналитетот на верзијата број еден), таму можев да најдам низа летоци каде младите војници во ЈНА, меѓу останатото, здравствено се образуваат за неволјите кои би можеле да ги мачат. Летоци за чешање, за вошки, за полови болести (тој леток обично беше разграбан). Имаше и еден за „психолошка“ помош.

Што и да мислело некое офицериште додека го пишувал летокот, веќе на самиот почеток имаше реченица која е сиже на чистиот хорор на војничкиот живот. Таа гласи: „Во ЈНА никогаш не си сам.“ Можете ли да замислите поголема среќа? Дури и кога се обидувате да завршите работа на „чучавец“ и без оглед колку смрди од него, не минува долго време, а на вратата почнува да тропа следниот кандидат. Ваш другар. Никаде и никогаш не сте сами. 12 месеци.

Проблемот е можеби во мене...

Можеби е тоа мој ПТСП (Посттрауматско стресно пореметување), но секој карневал во Келн ми се враќа сеќавањето на летокот од стационарот. Зашто, веројатно мој проблем е што немам некаква посебна потреба во некое време од годината да навлечам костим и да се претворам во фудбалска топка. Или во вреќа пржени компирчиња, светилник, буре пиво. Во принцип, израснав во уверување дека и не е лошо да се побара стручна помош од психијатар ако со костимот одеднаш сакате да бидете нешто друго по занимање - Пчеличка Маја, диносаурус, печурка, банана.

Karneval 2013 Köln Rheinland Weiberfastnacht Overlay-geeignet
Од каде потреба да се шета по градот како прасе?Фотографија: Reuters

Полесните случаи, како Супермен, гусар, принцеза или затвореник, веројатно може да се решат и со амбулантна терапија. По можност не кај друг пациент кој навлекол костим на лекар. Макар што и јас радо признавам дека - во одредени околности и во одредено поубаво друштво - може да биде весело да се играат „докторски игрички“.

Но карневалот е чиста и целосна спротивност на такви интимни моменти. Дотолку повеќе што тој овде по правило се одржува со типична германска дисциплина. Веќе во четвртокот, една недела пред Среда Пепелница, и на мој знак - сите ќе бидеме весели. Три, два, еден, одиме! Песна! Зашто кога иде малиот барабан, тогаш сме сите подготвени. И чекориме низ градот и секој вели Kölle Alaaf! Ти таму, зошто си сериозен? Кога ќе те треснам по тиквата ќе видиш како веднаш ќе пукаш од веселба!

Каде е бесплатното пиво?

Дури и ако ден претходно ви умрела госпоѓата мајка, во овој град овие денови тоа е трагедија само од една причина: сега нема да може да се ужива во карневалот. Но тоа не ве спасува и вас. Теророт си продолжува непречено и наредните денови и ноќи: Напиј се една со нас, не се поставувај така, само стоиш тука цело време. Ако немаш пари, сеедно, напиј се една со нас и не грижи се за тоа. Иако оваа песна (Drink doch eine met) е своевидна химна на карневалот во Келн, таа е fake исто како и кардиналот или Клеопатра кои ќе ги сретнете во продавница. Светот сѐ уште не видел таква добра гостилничарска душа која ќе ви даде бесплатно пиво, но затоа секако сакаат да ви продадат. Пиво може да се купи и во црквата кај мене. Свештеникот тврди дека е вистински, иако е протестантски. Но и тој не бира средства за да ги доведе (барем потпијанетите) души во својот храм Божји.

Köln Bierkultur Kölsch
Десетина пивца „Келш“ во секој случај ги отапуваат сетилата, барем малкуФотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

И за време на карневалот не сте сами, никогаш и никаде. Урлањето под прозор среде ноќ се смета за човеково право. Во градот нема толку мирно и зафрлено место, каде нема веројатност да згазнете во нечија повраќаница. Да викате градски редари воопшто нема смисла: половина од нив и онака се тетерават по градот облечени како мобилен телефон или, во најдобар случај, мечка или Индијанец. А, другата половина нема ниту малку разбирање за такви асоцијални типови кои уште и се бунтуваат. Тоа е отприлика исто како во ЈНА да сте викнале воена полиција ако некое офицериште ви се „дерело“.

Како да се преживее?

Има само две можни решенија. Втората варијанта („tough guy“) изгледа вака: се испиваат шест, седум, осум пива и се урла под туѓи прозорци. Нема веројатно да бидете толкав баксуз и да повратите пред сопствената врата. А, ако тоа и е вашата врата, има и добра вест: сте ја нашле! Алкохолната бариера помага донекаде и против традиционалната карневалска музика, особено ако единствената алтернатива е навреме да си ги продупчите ушните тапанчиња.

Wildpinkler in Düsseldorf
За вирчињата по градот деновиве во никој случај не се виновни (само) кучињатаФотографија: picture-alliance/dpa

Во Келн за секој карневал доаѓаат по два милиона туристи од поблиската и подалечната околина - за да се „налокаат“. И можеби дури и да фатат нешто што по десеттото пиво барем личи на суштество од посакуваниот пол. Иако, да бидеме реални, романтичната ниоќ се сведува често само на заедничко 'рчење под масата на гостилницата.

На дрвја вие мајмуни, шумата ќе се помести, шумата ќе се помести, шумата (ќе се) помести. На дрвја вие мајмуни, шумата ќе се помести и нема да се размислува. Еј момче, ти таму! Ниту пиеш ниту пееш! Немој да ти дојдам, веднаш ќе пропееш како славеј! Сите весело! Песна! Со тапан, тапан, тапан, со тапан, тапан, тапан, со тапан, тапан, тапан одиме низ маало, со тапан, тапан, тапан, сѐ додека не те пронајдам. И велам: Никогаш веќе карневал, никогаш веќе црвено и бело (боите на градот Келн, н.з.), никогаш веќе карневал - без тебе.

Варијантата „попаметен од нив“ овде дефинитивно се сведува само на едно: попаметниот попушта. Подобро е чесно отстапување, отколку нечесен пораз. За среќа, дезертерите не ги стрелаат, ниту пак ги носат на суд. Најмалку стотина илјади граѓани на Келн во овој период редовно безглаво бегаат колку што е можно подалеку.

А, тоа важи и за мене: Никогаш веќе карневал - без тебе мој авионски билету.