1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капитални инвестиции-„промашени“ 800 милиони евра!

Костадин Делимитов
28 јануари 2017

Хроничното потфрлање во реализацијата на инвестициите на државата сериозно влијае врз македонската економија. Експертите се загрижени, сугерираат итни промени во политиките!

https://p.dw.com/p/2WYoN
Gehalt
Фотографија: picture-alliance/Bildagentur-online

Реализацијата на државните инвестиции во Република Македонија потфрли и во 2016. година. Според објавените податоци, во минатата буџетска година биле реализирани само 276 милиони евра капитални инвестиции, или 150 милиони помалку од она што беше планирано со првичниот буџет за 2016. Со ваквата состојба практично се продолжи праксата од претходните девет години, во кои според податоците, реализацијата на државните инвестиции никогаш не беше повисока од 85%. Ваквиот тренд според експертите е загрижувачки и генерално штетен врз домашната економија и нејзиниот развој:

 „Ако се сака добро на македонската економија, треба под итно да се направат промени во наредниот период, пред сѐ во делот на капиталните инвестиции каде карактерот и квалитетот  мора да бидат во преден план, она што значи директно и индиректно влијание врз домашната економија и во нејзиниот развој. Веќе неколку години сме сведоци за потфрлања и тоа е за критика. Но, сѐ додека капиталните инвестиции не се планираат, ниту пак реализираат во обем од околу 20% од годишниот буџет, не можеме да бидеме задоволни. Конечно од капиталните инвестиции зависи динамиката и движењето во економијата“, предупредува универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Ефектот потфрлил за 50 проценти

Колкав е ефектот, или штетите од ваквата политика врз домашната економија и динамиката на економскиот раст, покажува анализата на невладината „Finance Think“. Ако државните инвестиции од 2008. година па наваму се реализирале според првичните проекции, ефектот врз економскиот раст ќе бил поголем за најмалку 50%. Според „Finance Think“ постојат неколку објаснувања за ваквите состојби:

„Користење високи неосновани проекции за БДП и инфлацијата, особено карактеристично за периодот 2008-2011, со цел да се надува буџетот како форма на ветување за поголемо трошење на разните буџетски корисници. Одбивање да се намалат тековните трошења со цел задоволување на дадените предизборни ветувања, посебно во периодот 2011-2014, обид да се заузда буџетскиот дефицит, со цел да се покаже на јавноста дека се преземаат чекори за остварување на ветената фискална консолидација, карактеристично за последните две години“.

Оттаму апелираат на ревидирање на методот на проектирање на капиталните расходи во Буџетот. Напуштање на политиката на свесно првично проектирање повисоки износи на капитални расходи и нивно следствено кратење со ребаланси на буџетот во текот на календарската година. Отпочнување широка експертска дебата за намената и ефикасноста на потрошените средства и соодветно приоритизирање. Според експертите од оваа организација, дури и при исклучување на т.н. непродуктивни инвестиции, Македонија нема капацитет да ги финансира сите продуктивни инвестиции одеднаш, па затоа сметаат дека е потребен општествен консензус околу нивната приоритизација.

Symbolbild Wirtschaft in Brasilien
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Слаба реализација и кај странските инвестиции

Инаку интересно е тоа што слаба реализација нема само кај државните инвестиции, туку и кајстранските инвестиции. Како што покажува неодамна објавеното истражување на БИРН, во истиот овој период Владата најавила 3,8 милијарди евра странски инвестиции, а биле реализирани само 580 милиони. Според дел од експертите нереализирањето на странските и на државните инвестиции се поради фактот што Владата на нив гледала како на пропагандно средство, а не како на средство за подобрување на животот на луѓето:

„На оваа владејачка гарнитура инвестициите и` служат само за маркетинг, т.е. за продуцирање на помпезни стории за тоа колку многу ќе се инвестира, без вооопшто да се зборува за тоа колку навистина се инвестирало. Ваквата пракса мене многу ме асоцира на '1984' од Орвел, каде владата исто така постојано најавуваше нереално високи економски резултати и тотално ги игнорираше потфрлањата. Единствената разлика е што таму владата ги бришеше сите помпезни најави, а кај нас тоа се` уште не се прави“, коментира економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Оттука, за да се смени ваквата пракса во иднина, според него неопходно евладата да го промени својот начин на гледање на инвестициите:

„Инвестициите не треба да служат за реклами и за фалби, туку за подобрување на животот на луѓето. Кога ќе има потфрлање во поглед на инвестициите, или кој било друг економски резултат, владата не треба да го крие тоа, туку треба да ги идентификува причините за потфрлањето и јавно да ги објави, како би се избегнало повторување на грешката во иднина“, смета Јовановиќ.

Дел од експертската јавност веќе подолг период предупредува дека власта во секој буџет намерно ги „пумпа “ капиталните трансфери како средство за оправдување на проектираниот дефицит.Ако се направи анализа на образложенијата за сите буџетски години, евидентен е фактот дека дефицитот секогаш расте поради наводните капитални трансфери. Дел од упатените предупредуваат дека стапката за капиталните трансфери се користи за политичка манипулација, за оправдување на високиот дефицит и на задолжувањето на државата кое постојано расте. За време на владеењето на досегашната политичка гарнитура беа најавени околу 3,5 милијарди евра државни инвестиции, а се реализираа 2,7 милијарди. Веќе стана правило со секој ребаланс средствата за оваа намена да се префрлаат за други, главно непродуктивни трошења, или воопшто да не се реализираат. Најголемо беше отстапувањето во 2009. година, кога од планираните 476 милиони евра, годината заврши со повеќе од двојно помала реализација, односно 218 милиони евра.