1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капацитетите на индустријата искористени како ретко кога

Карл Цавацки19 април 2007

Оптимистичко расположение на претприемачите. Германската машиноградба изби на второ место во светот, зад САД, а пред Јапонија

https://p.dw.com/p/AeIj
Од саемот во Хановер
Од саемот во ХановерФотографија: AP

Општата позитивна клима во германското стопанство се отсликува и во расположението на излагачите на индустрискиот саем во Хановер: многумина очекуваат манифестацијата да заврши со најдобар резултат во својата 60-годишна историја, оти добра конјунктура владее и во светот и насекаде се барани машини и индустриски постројки од Германија.

Капацитетите на германската индустрија одамна не биле толку искористени, колку во моментов. Убедливо најголем дел од индустриските претпријатија работат на горната граница на своите капацитети и ги зголемуваат инвестициите. Притоа не станува збор првенствено за рационализација, туку за проширување на производството. Неочекувано силното опаѓање на невработеноста и’ даде крила на приватната потрошувачка, која во Германија сочинува повеќе од половина од внатрешниот бруто-производ.

Германската индустрија лани постигна стапка на пораст од 5 насто, а претседателот на Здружението на индустријата Јирген Туман очекува тоа да биде повторено и годинава. На саемот во Хановер Туман ги коригира прогнозите за стопанството севкупно од два на дваипол процента, со надеж дека и тоа ќе биде натфрлено. Извозот повторно треба да биде за десет проценти повисок во споредба со лани.

Германската машиноградба четврта година последовно остварува рекордни резултати. Со производство во вредност од 180 милијарди евра, минатата година ја потисна Јапонија од второто место во светот. Само САД имаат посилна машинградба од Германија. Ханес Хесе, извршен раководител во Здружението на индустријата, вели: “И натаму стигнуваат толку нарачки, колку што немало со години. Ние, барем за годинава, не гледаме прекин на тој циклус, а се надеваме дека ќе се одржи и во наредната. Колку долго, не знаеме, но побарувачката е енормна. Поради тоа веруваме дека засега вака ќе продолжи”.

70 насто од производството во таа гранка оди во извоз, кој порасна за 15 насто. Посебен скок е забележан во извозот во Индија од 64 проценти, и во Русија со 39 насто. Покрај класичните, во светот посебно се барани германски продукти за производство на електрична енергија и за заштита на климата: од една страна се глобално се зголеми свеста за меѓузависноста на потрошувачката на електрична енергија со еколошкото загадување, а од друга, германската индустрија е технолошки предводник во меѓународни рамки во оваа област.

Претприемачите се загрижени поради долготрајниот застој во разговорите за натамошна либерализација на трговијата во светот во рамките на Светската трговска организација. Се’ уште се правило царини од 20 проценти или уште повисоки, на значење добиваат и вонтарифни трговски пречки како стандарди и постапки за сертифицирање. “За нас највисок приоритет е една успешна рунда во СТО. Таа нуди шанса за суштинско намалување на трговските бариери во светот. Во трговската политика клучна улога играат односите со САД” – изјави Јирген Туман.

Тој полага големи надежи во конференцијата меѓу Европа и САД посветена на трговијата, планирана за крајот на месецов во Вашингтон. Во трансатлантската трговија сега се одвиваат 60 проценти од севкупната светска трговска размена.