1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Камерон во игра внесува референдум за ЕУ

СН/АМ/дпа/ртр1 јули 2012

Британскиот премиер Дејвид Камерон нема ништо против Британците на референдум да се изјаснат за својот однос кон ЕУ. Истовремено тој предупреди од излегување од Унијата.

https://p.dw.com/p/15Orw
Фотографија: AP

Британскиот премиер и лидер на владејачката Конзервативна партија Дејвид Камерон во авторски текст за весникот „Сандеј Телеграф“ пишува дека е подготвен да размисли за референдум за идниот однос на Велика Британија кон Европската унија, кога ќе дојде вистинскиот момент за тоа. Двата поима „Европа“ и „референдум“ би можеле да се доведат во врска, претпазливо пишува Камерон во неговиот авторски текст.

Британскиот премиер додава дека се залага за поинаква, пофлексибилна и понеоптоварена позиција на Велика Британија во рамките на ЕУ. Меѓутоа, Камерон истовремено предупредува од истапување на Велика Британија од Европската унија и организирање на референдум за тоа. Тоа не е во интерес на Лондон, истакна Камерон, додавајќи дека како голема трговска нација на Велика Британија и е неопходен „неограничен пристап“ до европските пазари и право на соодлучување при усвојувањето на правилата на тие пазари.

„Јас сум свесен дека британскиот народ не е задоволен со тоа што го има со ЕУ, а и јас исто така “, рече Камерон. Според него во ЕУ има премногу бирократија и премногу мешање во работи кои мора да им бидат оставени на државите-членки, на цивилните општества или, пак, на поединецот.

Велика Британија е членка на ЕУ, но не и на еврозоната и на Шенгенскиот простор. Истражувањата на јавното мислење кои неодамна ги спроведе весникот „Тајмс“, покажуваат дека половина од Британците сакаат на референдум да се изјаснат за идниот однос кон ЕУ.