Како стануваме цел на тајните служби?
10 јули 2013Откритието за американската програма за следење Призма, една недела предизвикуваше вознемирени реакции во јавноста, кога американскиот претседател Барак Обама се обиде да ја поправи штетата. Тој ги уверуваше граѓаните дека во американската тајна служба НСА (Агенција за национална безбедност) работат „исклучителни професионалци, чија задача е да ја штитат безбедноста на американскиот народ“, рече Обама во едно телевизиско интервју.
Меѓутоа обработката на податоците кои преку Призма стигнуваат до НСА, помалку ја извршуваат вработените во тајната служба, туку тоа е повеќе задача на компјутерите. Поради тоа на листата на сомнителни личности стигнуваат не само терористи туку и невини граѓани.
За да им станете трн во око на тајната служба доволно е на пример да имате сосед, кој се занимава со сомнителни активности, вели Маркус Бекедал, експертот за интернет од порталот нетполитик.орг. „Вашиот мобилен телефон сигурно може да се лоцира во близина на вашиот сосед, и така автоматски запаѓате во мрежата и станувате сомнителни“. Дури и поклопувањето на одредени профили е сомнително. На пример: „Ако постои некој терорист некаде кој случајно ги нарачал истите книги како и вие и ако посетувал исти интернет страници“, објаснува Бекедал.
Веќе не се следат клучни зборови туку меѓусебни врски и односи
По нападот на 11. септември 2001 година, посебно често беа сомниченио научници кои поради професионалните обрски редовно барале информации за арапскиот свет. Оттогаш не само што исклучително се прошири делувањето на тајните служби, туку и нивните истражувачки методи.
„Луѓето кои навистина подготвуваат терористички напад, нема да наведат имиња, ниту целите на нападот или одредени организации. Поради тоа истражните органи веќе не ги следат толку интезивно содржините, на пример што и кажува личноста А на личноста Б. Тие повеќе го следат моделот на комуникација“, вели Волфганг Кригер, експерт за тајни служби. Нивната цел се исклучиво врските меѓу луѓето, на социјалните мрежи, банкарските трансфери или мобилните телефони.
Во меѓувреме НСА и британската тајна служба (GCHQ) наводно успеале да обработат голем број на податоци кои се мерат во екасбајти. Еден ексабајт е еднаков на милијарда гигабајти. Со оглед на тоа што чувањето на податоци станува се поевтино, експертот за интернет Маркус Бекедал смета дека долгорочно ќе бидат зачувани огромен број на податоци. А со растот на бројката на зачувани податоци расте и опасноста дека за поединечни лица ќе бидат воспоставени информации, поради кои би можеле да одговараат на еден сомнителен профил.
Забранет влез во земјата - САД не е единствена земја
„Но тоа се забележува кога веќе не можете да добиете одредена тарифа за вашиот мобилен телефон, бидејќи преку тој оператор не можат добро да ве прислушуваат, или кога на пример нема да ви доделат виза за САД, бидејќи се наоѓате на листата на оние на кои им забранет влез во земјата“, објаснува Бекедал. Одвреме навреме и авионите кои летаат кон САД не добиваат дозвола за слетување бидејќи некој од патниците се наоѓа на т.н. "No-fly-list" листа. Еден од најпознатите примери е британскиот пејач Кет Стивенс кој пред неколку години го прифати исламот и се прекрсти во Јусуф Ислам.
Но и во Европа се случува патниците на граница да имаат непријатни искуства, а да не знаат воопшто дека се на некоја листа на сомнителни личности. „Познавам луѓе кои во Германија учествувале на протестите против транспортот на нуклеарен отпад и кои секогаш кога патуваат во Англија, темелно се прегледувани на граница“, раскажува Маркус Бекедал. Причината во овој конкретен случај е тоа што протестите за заштита на природата во Велика Британија имаат скоро ист статус со тероризмот па затоа постои и меѓународна размена на информации за такви активисти.