1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како стана Пакистан легло на тероризмот?

12 август 2006

Тоа што Пакистан стана една од главните „земји продуценти„ на исламски терористи се должи уште на руската окупација на Авганистан во 80-тите години.

https://p.dw.com/p/Adyd
Пакистанец во Карачи чита за терористичкиот заговор во Велика Британија
Пакистанец во Карачи чита за терористичкиот заговор во Велика БританијаФотографија: AP

САД бараа сојузници против руското присуство и најлогично беше да ги бараат во соседот на Авганистан, Пакистан, каде имаше и по еден милион бегалци. При тоа САД се потпреа врз Саудиска Арабија како моќен сојузник во регионот. Кралството што лежи на нафта се зафати со изборот, обуката и вооружувањето на доброволните борци против Русите во Авганистан, кои беа регрутирани во соседен Пакистан. На Американците тогаш не им пречеше што тоа беше поврзано со извоз и на строгата, конзервативна струја во исламот што владее во Саудиска Арабија, вахабизмот. Најпознат конвертит беше тогашниот диктатор на Пакистан, генералот Зиа ул Хак. Тој дури испраќаше пакистански офицери на обука во Саудиска Арабија, а дозволи и масовно множење на коранските училишта, т.н. медреси. Во нив прво учеа авганистанските деца бегалци, подоцнежните Талибанци, што во превод и не значи ништо друго туку „ученици на коранот„. Подоцна меѓутоа во медресите почнаа да ги испраќаат на школување своите деца и пакистанските семејства, бидејќи таму наставата и во световен смисол беше поквалитетна отколку во обичните пакистански училишта. Така бројот од почетните 245 медреси многу брзо се прошири до денешните 7.000. Секако дека не можат сите медреси да се сметаат за легла на тероризмот, но јасно е дека недостасува каква и да е ефикасна контрола за тоа што учат децата во ваквите корански училишта. Дотолку повеќе што таму наставата се одвива на арапски. На крајот не треба никого да го чуди што голем број од активните терористи потекнуваат од вакви училишта.

Некои од нивните апсолвенти веќе одамна емигрирале во странство и таму живеат и работат, на пример во Велика Британија. Тие не, но нивните деца се секако ставени на големо искушение да му подлегнат на влијанието од медресите при посетите на татковината на нивните родители. Радикалната исламска идеологија што таму ја среќаваат многу добро им се поврзува со фрустрацијата од неповолната општествена положба во новата татковина на богатиот Запад. Така се создава експлозивна мешавина, од која се раѓаат терористи.

Пакистанските власти се свесни за ваквата опасност. За да не се најдат на мета на критика дека нивната земја станала меѓународно училиште за терористи, тие забранија прием на ученици од странско потекло на медресите. Но, од таа мерка не беа толку погодени младите муслимани од Велика Британија, бидејќи нивните семејни врски со роднините во Пакистан се многу силни и им обезбедуваат сепак место во училиштата за коран.