1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како НАТО може да помогне против коронавирусот?

Барбара Везел
3 април 2020

Воздушни транспорти и медицинска помош: НАТО во моментов се гледа себеси во нова улога како помагач во кризата предизвикана од новиот коронавирус. Досега невидена цивилна задача за воената Алијанса.

https://p.dw.com/p/3aOG9
Nato-Hauptquartier in Brüssel
Фотографија: Imago Images/photothek/T. Trutschel

„Солидарноста на НАТО во моментов е многу потребна“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. Тој и неговите колеги за прв пат одржаа виртуелна средба на НАТО - преку безбедна врска, како што беше нагласено. За првпат на заедничката „виртуелна маса“ беше и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, како претставник на најновата 30-та членка на Алијансата.

Цивилната тема на справувањето со кризи беше во фокусот на дискусиите. „НАТО може да се прилагоди на околностите на кризата со Ковид-19“, ветува генералниот секретар Јенс Столтенберг. Толку големо единство одамна немало.

Воздушен транспорт и медицинска опрема

„НАТО е основан за да се справува со кризи“, ја објасни Столтенберг новооткриената додадена вредност на воениот сојуз. Затоа од главниот командант на Алијансата во Европа, Тод Волтерс, беше побарано да ги координира новите понуди за помош, да открие кои уште кои способности на НАТО може да се користат и да го забрза доставувањето на помош.

Повеќе:

-Шпанија од карантин ѝ ја отвори вратата на Северна Македонија во НАТО

-Шест нови случаи на коронавирус, први во Штип и Гостивар

-Берлин: Добредојде од срце за Северна Македонија

НАТО веќе прима многу барања, на пример од Шпанија, Италија, Црна Гора, Украина, Молдавија и други, наведуваат извори во Алијансата. Во прв ред станува збор за воздушен транспорт - на пример, Романија користела транспортер на трупи за да пренесе медицински материјал од Јужна Кореја и од Кина. Во време кога цивилното воздухопловство не функционира, НАТО може да помогне - главно затоа што располага со авиони со големи транспортни можности. На пример, еден турски транспортен авион пренесол сериозно болни луѓе од Италија во Турција. Во ограничена мерка, членките на НАТО, исто така, располагаат и  со медицинска опрема, која може да биде ставена на располагање, се вели во Брисел. Генералот Волтерс сега треба да провери дали некаде има неискористени ресурси.

Brüssel NATO-Hauptquertier | Jens Stoltenberg, NATO-Generalsekretär
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Со години во Алијансата се разговара за тоа како да се подобри отпорноста на кризи, истакна Јенс Столтенберг. Корона-кризата сега е цивилна задача во размери какви што досега немало.Од ова мора да се извлечат поуки за во иднина за тоа како Алијансата уште подобро и побрзо да се координира  и оптимално да ги искористи постојните можности, рече генералниот секретар на НАТО. Уште кон средината на април, министрите за одбрана на НАТО сакаат да ги проценат досегашните успесите и можностите за подобрување во борбата против Ковид-19.

Нова пропагандна војна

Во последните неколку недели стана јасно дека Русија и Кина ја користат глобалната криза со коронавирусот за еден вид пропагандна кампања кон Западот. „Во принцип, треба да биде поздравено кога земјите си помагаат едни на други, но и ние исто така испративме  помош за Вухан“, рече германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас. Она од што тој предупредува, меѓутоа, и за што во НАТО треба да се размислува е она „кога земјите ја искористат ситуацијата пропагандно, за да се претстават во подобро светло“.

Ова е насочено кон делумно неупотребливите испораки на помош од Кина и од Русија кои пристигнаа во Шпанија или Италија. И ако држави  водат кампањи за дезинформации, ним треба да им се спротистават факти, рече германскиот министер за надворешни работи. Сепак, јасно е дека многумина во Алијансата стравуваат дека во изминатите недели во геостратешка смисла теренот им беше препуштен на Русија и на Кина.

Поранешниот американски командант на силите на НАТО во Европа, генералот Бен Хоџис, јасно го формулираше тоа: на тоа треба да се гледа како на натпревар во просторот за информации. „И Кинезите и Русите -  со овие смешни тврдења дека се грижат за Италија -’ помагаат ’ така што испраќаат единица за хемиска деконтаминација. Каква шега!“ Но, тоа секаде беше голема вест и на тој начин тие се во предност. Сега се гледа, на пример, во Европската унија, што навистина се прави. Испораки со палети со опрема и неупотребливи маски што треба да се вратат назад. „Но, тие  гледаат на тоа како на информациски натпревар а ние не. Мораме да бидеме поактивни на тоа поле“, вели генералот, рефлектирајќи го со тоа размислувањето на многу сојузници во НАТО.