1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Србија и коронавирусот: Препакување на реалноста

Дарио Хајриќ
3 октомври 2020

Доктор Предраг Кон конечно сфати дека официјалните бројки на заразени и починати во епидемијата се далеку помали од вистинските. Оние кои тоа го сфатија пред Кон, беа шиканирани, пишува Дарио Хајриќ.

https://p.dw.com/p/3jLRM
Dario Hajric Soziologe Aktivist Serbien
Фотографија: privat

Се испостави, за жал, дека сето време сме биле во право.
Епидемиологот и член на Кризниот штаб Предраг Кон потврди дека, според неговото истражување врз основа на податоците од Градскиот завод за јавно здравје, од март до јуни имало трипати повеќе смртни случаи од коронавирус одошто официјално биле објавени. Само во Белград починале толку луѓе колку што биле пријавени во целата држава.
Таа информација би имала далеку повеќе одек доколку Кон не беше, речиси, последната личност во Србија која воочи дека нешто не е во ред со официјалната статистика.
Како дојде до тоа на јавноста со месеци да и се сервираат погрешни податоци? Главниот епидемиолог ја префрла одговорноста врз „информатичарите“ кои го одржуваат системот за пријавување на бројките.
Тоа објаснување можеби би можело да мине доколку никој не ја доведуваше статистиката во прашање. Проблемот е во тоа што многумина го правеа тоа и изнесуваа докази. БИРН уште на 22 јуни објави дека од 19 март до 1 јуни во Србија од коронавирус починале 632 пациенти, што беше за 388 повеќе од официјално соопштените 244 смртни случаи. Преголема разлика за да мине без официјална проверка.
Сепак, се сеќаваме што рече тогаш Кон: „Тоа е нешто што треба да го објаснува оној кој го објавил. Пријавата на заразни болести е обврска според законот, ја пријавува секој лекар на кој ќе му се случи смрт на работното место. Тоа значи дека некој кој тоа го говори, буквално ги напаѓа сите лекари кои тоа го пишувале.“
Ако не им веруваше на новинарите, Кризниот штаб можеше да им поверува на колегите. Иницијативата на 350 лекари наречена „Обединети против ковид“ на 21 јули побара оставки од Кризниот штаб поради „јавно-здравствената катастрофа во која се наоѓа државата“ и бараше истрага за лажирањето на бројките.
Иако им се приклучија стотици медицински работници, колегата на Кон од Кризниот штаб Мијомир Пелемиш им порача „да не се занимаваат со политика“, и тоа беше се.
Откритието на Кон дека бројките не штимаат доаѓа во момент кога веќе нема каде: неделникот НИН минатата недела објави дека во јули, кога Србија се соочуваше со нов удар на вирусот, биле направени далеку помалку тестови одошто тоа го покажуваа официјалните податоци. Наводно биле направени 267.744 тестови, но збирот на податоци кои ги доставиле 13 од 19 окрузи дава само 75.579.
Институтот за јавно здравје тврдеше дека бројот на заразени во јули бил 10.988, а произлезе дека збирот на потврдени случаи регистрирани по окрузи, дури и врз основа на непотполни информации, изнесува 13.720. Се покажа дека не „политизираат“ само лекарите, туку и математиката.
Кој е виновен за тоа? Доколку глумиме будали и прифатиме сета одговорност да биде фрлена врз некакви „информатичари“ кои го ажурираат системот, тоа би значело дека државата постапувала далеку понесериозно од се што најострите критичари имаа да кажат за борбата против пандемијата.
Целата досегашна стратегија и мерки во борбата против коронавирусот, од воведувањето на полицискиот час па до неговото укинување, во тој случај, би се базирала на фалична Ексел табела на некаков информатичар Ѓуро кој не внимава каде кликнува со маусот.
Кој му е надреден? Кој го вработил? Кој ја контролирал неговата работа? Кон вели дека не треба да го прашуваме него, и делува дека и самиот не сака да се распрашува кој, наводно со месеци, го хранел со неточни податоци. Тоа многу зборува.
Додека Предраг Кон со месеци задоцнување открива дека со бројките нешто не е во ред, лекарите од „Обединети против ковид“ се дисциплинирани поради јавните настапи. Истата онаа „струка“ која колективно ја прогласувавме за херојска и и аплаудиравме од балконите, се дисциплинира поради нешто што сега е дури и официјална вистина. Нема ни извинување, ниту ним, ниту нам.
Но, најневеројатно од се е бесмисленоста на фризирањето на статистиката. Бидејќи, дури и со (по)реални бројки, Србија не би била во врвот на црната листа на смртноста. Па зошто сето ова време се штелува статистиката?
Луѓето кои ги влечат конците во Србија едноставно веќе не умеат поинаку. Препакувањето на реалноста стекна рутина на фабричка лента, и веќе не е важно дали се дотеруваат бројките на луѓе на митинг, на бирото за работа или на гробишта.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема