Како Европа го слави карневалот
Традициите се шаренолики и опуштени, но тие се разликуваат од земја до земја: ова се карневалските традиции низ Европа.
Жешки ритми на Тенерифе
Со својата потопла клима, Карневалот на шпанскиот остров Тенерифе повеќе доликува на пролет отколку лето, па затоа и костумите се „полесни“. Како и во Латинска Америка, на најголемата парада која се одржува во Санта Круз учествуваат воглавно самба танцувачки групи.
Капење во брашно во Лас Палмас
Облечени во бело со прекривка од брашно, славениците на канарскиот остров Лас Палмас го слават "Dia des los Indianos" или Денот на Индијанците. Се чествува враќањето на островјаните кои емигрирале во Куба или Венецуела. Прскањето со брашно беше традиција на сите канарски острови, но денес се практикува само во Лас Палмас. Брашното се користи наместо шекер во прав, и го претставува богатството.
„Капење“ во цвеќиња во Ница
Во француската Ница, главниот настан е битката со цвеќиња која се одржува на Променадата на Англичаните. Парадата се одржува од 1876 година кога на туристите, повеќето од Англија, им биле делени цвеќиња.
Марди Грас во Белгија
Во местото Бинш, 60 километри од Брисел, маскирани ликови наречени „Гиј“ ја играат главната улога на карневалската прослава со векови. Тие маршираат по улиците на Марди Грас, вторникот пред среда Пепелница. Нивниот разнобоен ритуал се наоѓа на листата на УНЕСКО на нематеријално светско наследство од 2008 година.
Бал под маски во Венеција
Познатиот "Carnevale di Venezia" датира од 12. век кога благородниците организирале големи забави во своите домови. Гостите се натпреварувале со костимите. Најексклузивниот настан во изминативе години е балот во палатата Пизани Морета, како и посета на операта.
Танц во униформа во Рајнската област
Униформираните танцувачи се важен дел од секој германски карневалски клуб. Во Келн, тие извикуваат „Алааф“, во Диселдорф „Хелау“. Но насекаде низ Рајнската област, луѓето пеат народни песни и собираат „Камеле“ (слатки), за време на карневалската парада. Стотици тони бонбони, колачи и чоколада се фрлаат за време на парадите.
Големите глави во Мајнц
Карневалот во Мајнц, во близина на Франкфурт, датира од 16. век, а негов белег е парадата во понеделник. Главни ликови таму се огромните карикатури со XXL глави, познати и како "Schwellköpp" (Отечени глави). Се појавуваат околу 30 ликови, а секоја од главите тежи по 25 килограми.
Мирно славје
Ткн. "Bützchen", или бакнежче, е дел од карневалот во Германија исто колку и разнобојните костуми. Зборот Карневал доаѓа од латинските "carnis" (месо) и "levare" (да однесеш). На крајот на Карневалот, Средата Пепелница го означува почетокот на постите до Велигден.