1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Германија да остане економска локомотива на Европа?

Андреас Бекер/ Симе Недевски18 септември 2013

На Германија економски ѝ оди подобро отколку на нејзините соседи. Но што мора да стори новата германска влада за да остане така? Економистите имаат многу спротивставени претстави за тоа.

https://p.dw.com/p/19jS3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Густав Хорн не се двоуми ни за момент. Најважната задача на новата германска влада е решавање на кризата во еврозоната. „Нашиот извоз во кризните земји се намали“, вели шефот на Институтот за макроекономија и истражувања на конјунктурата од Диселдорф. „Ако и во иднина сакаме и натаму добро да живееме од својот извоз, тогаш во тие земји мора да се стабилизира економијата“, вели тој.

Сосема спротивно размислува Михаел Хитер, кој смета дека новата германаска влада треба помалку да се занимава со европските проблеми, а повеќе со „внатрешногерманските економски услови“. „Во последните 4 години, кои беа во знак на еврокризата, многу работи се случија и донесени се големи одлуки“, вели Хитер, кој го води Институтот за германска економија во Келн. „Сега се поставува прашањето како и во иднина да се осигура деловниот модел на Германија со неговото индустриско јадро.“

Идеолошки јазови

Gustav Horn
Густав ХорнФотографија: picture-alliance/dpa

Хорн и Хитер се економисти и научници. Идеолошки ги делат светови. Институтот на Хорн го финансира една фондација блиска на синдикатите, додека за работата на Хитер плаќаат здруженијата на работодавачи и на индустријата. „Но тоа е цел - во 2023. да можеме да се осврнеме и кажеме: ’Сега е подобро отколку пред 10 години’, како што можеме тоа денес да го кажеме“, вели Хитер кој се залага за тоа барањата за работодавачите и понатаму да се подобруваат. Неговиот колега Хорн, кој е поблизок со синдикатите, не се согласува со тоа. Тој не се согласува ниту со проценката дека економската состојба е подобрена.

„Во последните 10 до 15 години нашето општество, што се однесува на приходите и богатството, значително се подели“, вели Хорн. „Оние од класата со поголеми примања може да забележат значителен реален екокономски профит. Оние од класата со мали и средни примања се слоеви кои многу конзумираат. Ако тие немаат доволно пари, не може да се очекува дека потрошувачката ќе оди многу добро.“

Економијата како интерпретација на светот

Економијата не е егзактна наука, туку наука за распределба на ограничени извори. А тука нема идеален пат, бидејќи одлуките зависат од тоа како се толкува светот. Кога економистот Хорн се жали дека многу луѓе одвај можат да живеат од својата работа, неговиот колега Хитер одговара дека тоа е подобро отколку воопшто да немаат работа: „Невработеноста е најголем ризик кој води кон сиромаштија“. Во Германија невработеноста е далеку под европскиот просек, па Хитер не гледа знаци на поделба на општеството: „Многу индикации од пазарот на труд од 2005. година покажуваат во една насока, која повторно го поврзува општеството: невработеноста меѓу младите е преполовена, бројот на вработени со задолжително социјално осигурување порасна, а секторот со ниски заработувачки е стабилен. Поуката која Германија може да ја извлече од напорите направени изминатите години е - пазарот на труд е лост.“

Со тоа Хитер повторно се враќа на својот главен аргумент: кога на компанијата ѝ оди добро, на сите им оди добро. Симпатизерот на синдикалците Хорн тоа го смета за чиста пропаганда: „Со истиот аргумент се воведени дерегулации и во изминатите децении, како и намалување на данокот, кои од година во година нѐ чинат 50 милијарди евра“, смета Хорн. „Тие пари недостигаат за модернизација на инфраструктурата“, додава тој.

Michael Hüther Direktor des Instituts der Deutschen Wirtschaft Köln
Михаел ХитерФотографија: picture alliance/ZB

Инфраструктура и даноци

Двајцата економисти барем се согласуваат во тоа дека на Германија, за да остане конкурентна, ѝ е потребна добра и модерна инфраструктура. За патишта, енергија, истражувања или образование би требало да се стори повеќе. Но ова согласување запира кај финансирањето. Зголемување на данокот, како што планираат опозициските партии - СПД и Зелените, за Хитер, кој е близок до работодавачите, би било најголема грешка која некоја нова германска влада би можела да ја стори: „Зголемување на данокот тука не одговара. Приходите од данокот се големи пред сѐ тогаш кога економијата може да создаде работни места, тоа потоа го забележуваме и во државниот буџет, како и во социјалните придонеси.“

Заклучок: И во економијата сѐ зависи од тоа како се толкува светот. Остатокот е прашање на цели и интереси. Во недела на 22. септември, германските граѓани на парламентарни избори ќе кажат што тие мислат.