1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга за Шенген

14 март 2012

Францускиот претседател Никола Саркози во екот на кампањата во Франција се закани со воведување гранични контроли. А патувањето без пасошка контрола е една од централните предности на ЕУ.

https://p.dw.com/p/14KQJ
Фотографија: picture-alliance/ dpa

На министерот за надворешни работи на Луксембург му е доста од десно-популистичките предизборни настапи на францускиот претседател. Социјалдемократот Жан Аселборн на конзервативецот Никола Саркози му префрлува дека се служи со антиевропски и популистички тези и сака да го урне Шенген. Она што особено го лути Аселборн е што Саркози сака да го стави под мраз Шенгенскиот договор на одредено време, доколку не се исполнат сите француски барања за реформа на Шенген. Портпарол на Европската комисија во Брисел изјави дека ниту Франција, ни која било друга држава членка на Шенген, не може едноставно да се откаже од договорот. Имено, правилата за патување се во меѓувреме станати дел од Европските договори и не се едноставно само меѓународноправни договори меѓу државите. Кој сака да го промени Шенген, сега мора да го менува договорот од Лисабон, соопштува Комисијата. А тоа оди само со согласност на останатите членки на ЕУ. Доколку Франција сака еднострано да воведе гранични контроли, тогаш ЕУ-Комисијата треба против Париз да поведе постапка за повреда на договорот.

Еврокомесарката надлежна за внатрешна политика и за Шенген Сесилија Малмстром во 2011 година, по еден судир меѓу Италија и Франција околу илегалните мигранти во ЕУ, изјави дека договорот од Шенген мора да се менува. Таа во декември 2011 година даде предлог за промени, но тие беа отфрлени од страна на многу држави членки на ЕУ. Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих оцени дека Малмстром сака да се вмеша во суверените права на државите. Еврокомесарката, имено, предложи граничните контроли да можат да се воведат само по одлука на централата на ЕУ во Брисел. Досега ЕУ-државите можат привремено повторно да воведуваат контроли доколку сметаат дека е загрозена нивната национална безбедност.

Infografik Die Staaten des Schengener Abkommens englisch

Во Франција има помалку странци од просекот во ЕУ

Никола Саркози како образложение за својата критика на шенгенските правила го наведе „приливот“ на странци во Франција, без притоа да изнесе конкретни податоци. Најголемиот дел легални доселеници во Франција доаѓаат врз основа на правилото за спојување на семејство. Според Евростат (податоци од февруари 2012), во Франција живеат 5,8 проценти странци, што е помалку од европскиот просек, кој изнесува 6,5 проценти. Во 2010 година во ЕУ дошле околу половина милион илегални мигранти, соопшти ЕК. Најголемиот дел од нив стигнале во Грција и Шпанија. 260.000 луѓе поднесле барање за азил, а најмногу барања за азил - 53.000 одбила токму Франција. Најмногу странци во ЕУ во 2010 година дошле од Авганистан, Русија, Србија, Ирак и Сомалија.

Deutschland Einreise Visum Reisepass Kontrolle Flash-Galerie
Фотографија: picture alliance/dpa

Визната либерализација во опасност

Многумина илегални доселеници на нивниот пат до ЕУ минале низ различни земји од Западен Балкан. ЕУ на овие држави им гарантираше безвизно патување, но многумина остануваат подолго од дозволените 90 дена, вели европратеничката Тања Фајон, надлежна во Европскиот парламент за визни прашања и за Шенген. Затоа, Парламентот и државите членки на ЕУ во декември 2011 година се договорија околу можност за повторно воведување визи за дел од земјите, доколку не запре бранот „лажни азиланти“. Албанија е земјата од која доаѓаат особено голем дел од луѓето кои „останале подолго од 90 дена“ и кои потоа поднесуваат барање за азил. Ваков пат одбираат и многу Роми од Србија и Македонија.

На контролите на надворешните граници на Шенгенскиот простор вистински веќе не им верува ниту Холандија. Таа на своите граници ги фотографира сите регистерски таблички за да препознае сомнителни возила. Владата на Данска минатата година на определено време ги зајакна контролите од страна на цариниците на границите со Германија и Шведска. Ваквата мерка беше укината по изборите во Данска, на кои победија социјалдемократите. Италија во летото 2011 година на бегалците, без долга постапка, им издаваше Шенген-визи кои тие потоа ги користеа за да заминат во Франција. Потоа Франција, спротивно на правилата, воведе гранични контроли на границата со Италија. Спорот беше смирен со посредство на Европската комисија, но тоа беше почеток на дебатата околу преработка на Шенгенските правила.

Автор: Бернд Ригерт / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски