1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И за животните - европски стандарди

Горан Петрески16 февруари 2009

Европски експерти во Скопје оценуваат колку Зоолошката градина се реконструирала и дали и кога има шанси да влезе во Европската асоцијација на зоолошки градини.

https://p.dw.com/p/Gv0J
Фотографија: AP

Зоолошката градина, лоцирана во центарот на Скопје, не е објект со кој може да се гордее македонската престолнина. Пореална е оценката дека градината е типичен одраз на транзицијата низ која мина македонското општество. Инфраструктурно запуштена, урбанистички несредена, сиромашна со животни. Првиот впечаток на влезот во зоолошката е дека билетот е многу ефтин - 50 денари или помалку од едно евро за разгледување на неколку стотици квадратни метри и голем број кафези. Според официјалните податоци, во Зоолошката градина има повеќе од 250 птици и 219 цицачи од 38 видови. Животинскиот фонд го заокружуваат 11 влекачи од 9 видови. Уште на првиот круг паѓа в очи дека на повеќе места во зоолошката градина се гради. Никнуваат нови живеалишта за новите животни кои треба бидат набавени во наредниот период. Градината е во реконструкција последниве неколку години.

Промените се забележливи

„Успешната реконструкција значи дека зоолошката градина ќе ги исполни условите да стане членка на ЕАЗА, Европската асоцијација на зоолошките градини“, изјави првиот човек на оваа асоцијација, Доминик Тропеано, кој деновиве е во Македонија. Според него, промените се забележливи , но треба уште да се работи за да се изградат живеалиштата на животните, знаците и да се подобри безбедноста.

BdT Aquarium im Zoo Hagenbeck
За да се достигнат европските стандарди треба уште многу работа и пари - на фотографијата е прикажан аквариумот во Зоолошката градина во ХамбургФотографија: AP

„Важно е да се увериме дека ќе создадеме квалитет, а не квантитет, треба да се увериме дека се што ќе изградиме ќе биде добро и на високо и безбедно ниво за животните, но и за посетителите“, изјави гостинот од Европската асоцијација на зоолошки градини по посетата на скопската зоолошка.

До пред некое време животните угинуваа поради субстандардните услови за живот. Во последниве месеци, таков случај нема, но животните и сега изледаат гладни и измачени. Во текот на зимата бројот на посетители е мал. Статистиката бележи пад, но и најавува повеќе гости во текот на пролетната и летната сезона.

За пет години со европски изглед

Ако скопската стане членка на европската асоцијација на зоолошки градини ќе биде една од 350-те золошки градини од Еропа од каде Ќе може да добива стручна помош, обука на вработените и нови животни.

За реконструкција, во последниве три години, беа потрошени 2,5 милиони евра, но за целосен модерен европски изглед се неопходни дополнителни 1,5 милион евра. Европските експерти сметаат дека скопската золошка ќе добие европски изглед по 5 години.