1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И германските алати на удар на царините на САД

Томас Колман
18 октомври 2019

Италијански пармезан, шпански маслинки, германски алат-од денеска во сила се американски казнени царини на ЕУ-производи

https://p.dw.com/p/3RVbY
Berlin | Werkzeugschrank
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Pedersen

Каква врска имаат шрафцигерите од околината на Келн со недозволени државни субвенции за производителот на авиони Ербас? Многу. Бидејќи германските производители на алати од 18 октомври исто така ќе бидат погодени од  американските казнени царини во висина од 25%.  Ова е дополнително на постојните тарифи за увоз на алати во САД од 12,5%. Новите казнени тарифи се реакција на САД на субвенциите од ЕУ за авиопроизводителот Ербас, кои беа прогласени за недозволливи од страна на Светската трговска организација. Оваа одлука на СТО сега им дозволува на САД да ги активираат најавените мерки кои ќе имаат негативно влијание врз  економијата во ЕУ.

„Сосем е неприфатливо, тоа што малите и средни германски компании кои произведуваат алати се вовлечени во овој конфликт со субвенционирање на авиоиндустријата," критикува Михаел Клајнбогарц, претседател на Асоцијацијата на производители на алати (ФВИ) со седиште во Ремшајд. Во срцето на Северна Рајна Вестфалија, има особено многу вакви компании кои произведуваат алати и вработуваат околу 6000 луѓе во регионот.
 

Последици поголеми и од Брегзит

Новите казнени царини особено тешко ја погодуваат браншата за која САД со 8,5% извоз е еден од најважните странски пазари за германската индустрија за производство на алати. Само во 2018 година таму има направено обрт од речиси 5 милијарди евра. Многу експерти проценуваат дека германската индустрија за производство на алати – и покрај нивниот висок квалитет – поради казнените тарифи од САД практично нема да биде конкурентна. „Некои компании ќе бидат екстремно погодени, особено во сегашно време кога германската економија слабее," вели извршниот директор на ФВИ, Штефан Хорст.

За индустријата за производство на алатки овие мерки ќе имаат поголеми последици од Брегзит, проценува Хорст. Особено тешко ќе бидат погодени оние кои имаат специјализирано производство. Бидејќи санкциите се однесуваат на алати како клешти, секирчиња, ножици или шрафцигери. И тие важат само за производители од Германија, но не и за остатокот од ЕУ.

„Веројатно овие селективни казнени тарифи се реакција на успехот на германските производители на американскиот пазар и актуелниот трговски конфликт е само добредојден изговор," смета Штефан Хорст.

Сепак тоа е дел од природата на овие царини кои се отворено дозволени од СТО, и се насочени кон одредени бранши и региони, со цел да се изврши политички притисок. Меѓу останатите земји и производи кои се погодени од дополнителните 25% царини е и италијанскиот кашкавал пармезан и шпанското маслиново масло.

Rotwein Einschank mit Essen
Италијански пармезан, шпански маслинки и маслиново масло на удар на санкциите од САДФотографија: Fotolia/Nick Freund

Особено горко чувство имаат претприемачите кои произведуваат во скапата Германија, за разлика од оние кои го преселија своето производство во земји како Полска и кои сега не се погодени од овие мерки. Ралф Пуч, извршен директор на компанијата за производство на алати Книпекс од Вупертал, во едно интервју за Вестдојче цајтунг предупредува од последиците. „Стапувањето на сила на овие царини значи огромни штети за германските производители на клешти, шрафцигери и други мали алати. САД ни е многу важен пазар. За Книпекс е број еден странски пазар."

Надеж за краток век на казнените царини

Компаниите имаат различни стратегии за да ја задржат силната позиција во САД. Компанијата Хазет од Ремшајд веќе најави дека цените во САД ќе ги намали за 25 проценти за да останат стабилни за американските клиенти. Во браншата биле единствени по прашањето дека 25 проценти покачување на царините не може да биде комплетно префрлено на клиентите, потенцира Штефан Хорст од ФВИ.
Но, ако царините на долг рок останат толку високи, заради важноста на американскиот пазар веројатно ќе дојде до поместување на локациите за производство во земји кои не се погодени од казнените царини, предупредува првиот човек на Книпекс, Ралф Пуч. „Кога работните места еднаш ќе се префрлат во странство поверојатно е дека нема да се вратат назад."
Производителите се надеваат на преговарачките вештини на германската влада и на Европската комисија, за да се избегне натамошна ескалација.  Се надеваат и дека казнените царини ќе имаат краток век.  Светската трговска организација веќе најави дека американскиот конкурент на Ербас, Боинг, добил недозволени државни субвенции. Додека Светската трговска организација даде зелено светло за казнени царини на ЕУ против американските компании, ќе поминат неколку месеци. На еден таков чекор се смета пролетта 2020-та година. Тогаш наново ќе се делат картите, така барем се надеваат производителите во Германија, најдобро со тоа што ЕУ и САД еднаш засекогаш ќе ја завршат кавгата за државните субвенции за авиоконцерните и американските казнени царини ќе бидат повлечени.