1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија се бори за животите на затрупаните

7 април 2009

Спасувачките екипи во Италија и понатаму трагаат по преживеани под урнатините во градот Аквила и неговата околина. До сега успеаја да спасат над 100 лица, а работата им ја отежнуваат дополнителните потреси.

https://p.dw.com/p/HRlI
Спасувачките екипи се борат за секој животФотографија: picture-alliance/ dpa

Извлечените стотина граѓани на најтешко погодениот град Аквила и неговата околина, како и другите 1.500 повредени лица добија прва помош на отворено во импровизирани услови, бидејќи Универзитетската клиника во Аквила е затворена поради опасност од уривање. Во другата болница во градот се користи само една операциона сала, а останатите потешко повредени се префрлаат со хеликоптер во соседните градови.

Граѓаните на Аквила се уште вознемирени: „Беше страшно, беше грозно... никој не сакаше такво нешто и се надевам дека сега помина. Аквила е разурната, центарот не постои повеќе. Ние сме спасени, но кој знае уште колкумина има под урнатините“, објаснува еден од нив.

Вонредна состојба

Премиерот Силвио Берлускони прогласи вонредна состојба во регионот на Средна Италија: „Наша главна задача сега е да ги спасиме затрупаните. При тоа уште не смееме да користиме тешки машини, бидејќи од поранешните искуства со земјотреси сфативме дека на почетокот мораме да се откажеме од нив.“

Според владини извори, вчерашниот земјотрес од 6,3 степени по Рихтеровата скала оставил без покрив над главата повеќе од 50.000 луѓе. Голем проблем за сите нив, како и за спасувачките екипи, е фактот што земјата уште се тресе. Според италијанските сеизмолошки служби, по катастрофалниот земјотрес регистрирани се уште околу 200 помали потреси. Премиерот Силвио Берлускони најави итно создавање камп со шатори, каде ќе бидат привремено згрижени преку 20.000 лица.

Erdbeben in Italien Hunderte Menschen vor einem Zeltlager
Погодените се згрижени во шаториФотографија: AP

Добри оценки за спасувачите

Надлежниот државен министер за заштита од природни катастрофи, Гвидо Бертоласо, ги пофали спасувачките екипи, кои само три минути по земјотресот почнале со активностите, а за девет часа успеале да стигнат и до најоддалечените села во погодениот регион: „Сега имаме 1.000 спасувачи на теренот во градот Аквила и околните села. Тие имаат наредба да не остават ниту еден од затрупаните!“

Bildergalerie Erdbeben in Italien
Тешки оштетувања и на зданијата и во душитеФотографија: AP

Во меѓувреме помош во материјал и спасувачки екипи пристига од Франција, Германија, Грција, Израел и Русија. ЕУ исто така стави на располагање финансиски средства за поддршка на погоденото подрачје.

Автор: Грегор Хопе/ Горан Чутановски

Редактор: Жана Ацеска