1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италијанскиот шарм привлечен за студентите

1 јуни 2010

Иако државните универзитети во Италија не котираат високо на меѓународните ранг листи, земјата е привлечна за студентите. Универзитетот во Павија, во Северна Италија, е еден од најстарите во Европа.

https://p.dw.com/p/NTXX
Универзитетскиот град ПавијаФотографија: picture-alliance/akg

Студентката по филозофија Ана Бекман од Констанц е студент-гостин на универзитетот во Павија: „Овде многу повеќе студираат филозофија, во Германија предметот претежно го изучуваат машките студенти. Овде е многу поурамнотежено. Исто така, филозофијата е многу призната како наука, таа ужива многу повисоко вреднување отколку кај нас. Мене ми се допаѓа, и Павија исто така ми се допаѓа.“

Ана пие пиво, изгледа задоволно: „Никогаш не сум се чувствувала толку релаксирана и толку добро како овде. Смирувачките зборови и амбиент, тоа се пренесува. Луѓето имаат поинаков начин на живеење. Не работат помалку отколку во Германија, но многу повеќе уживаат во животот.“

Одлуката да студира еден семестар во Павија беше добра, смета Ана: „Чувството при студирањето е поинакво. Кога дојдов на универзитетот добив чувство на стравопочитување. Го чувствувате овој стар град. Бев и во театар и тоа е нешто сосема поинакво. Ми се допаѓа.“

Anna und Freunde
Ана и пријателитеФотографија: Kirstin Hausen

Павија е стар град со историски места, мали кафулиња и романтични цркви. Факултетите по општествени науки се сместени во центарот на градот во раскошна градба од 18 век. Уште во средниот век Павија бил важен образовен центар. Во 1485 година официјално е прогласен за универзитетски град. „Овој универзитет има долга историја. Тоа ме фасцинираше уште од самиот почеток“, вели италијанскиот студент Омар Сера, кој во Павија е ангажиран во мрежата на студентите од Еразмус програмата. Тој на Ана и‘ помогнал многу на почетокот и се спријателил со нејзе: „На студентите од странство им појаснуваме како да ја платат сметката за струја на пример. Во Италија владее организиран хаос, но некако се’ се завршува. Посебен оддел на факултетот се грижи за студентите од странство. Ако и потоа имаат уште прашања доаѓаат кај нас.“

Omar Serra
Омар СераФотографија: Kirstin Hausen

Бирото за студентите од странство им помага при запишувањето и околу формалностите. Таму може да се најдат и информации за стипендии. Оној кој не учествува во студенската програма за размена Еразмус, туку во своја режија дошол во Павија, мора да конкурира за место за студирање и да плати партиципација, која се ориентира спрема примањата на родителите. За сместувањето, пак, е надлежна друга служба. Ана Бекман при престојот во Павија доби соба во студентски дом. Тоа има две предности - прво е поевтино, и второ веднаш се воспоставува контакт со италијанските студенти. „Многу се трпеливи, секој збор го објаснуваат и по петпати. Воопшто немав проблеми да воспоставам контакти.“

Оти хоризонти не отвора само учењето. Оние кои заминуваат на студии во Италија, како и Ана Бекман, сакаат да ја запознаат земјата и луѓето. „Она што ми се допаѓа е способноста на Италијанците од малку да направат многу. Кога навечер седиме заедно и готвиме: во фрижидерот воопшто нема многу производи, но на крајот излегува вкусна вечера, со сто луѓе. За мене животот овде е поинтензивен и тоа е многу убаво искуство овде во Италија.“

Автор: Кирстин Хаузен / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска