Истрагата за мадридските напади е завршена
12 април 2006Две години истрага, над илјада страници хартија и 29 обвиненија. Судскиот процес во случајот со нападите во Мадрид на овој начин се приближи многу, но едно е уште однапред јасно – водачите на напаѓачите, со прекар “Тунезие“ и “Кинез“, нема да седат на обвинителна клупа. Тие, заедно со уште петмина други, самите се кренаа во воздух неколку недели по нападите, во моменти кога полицијата сакаше да влезе во станот во којшто се криеја.
Идеите за нападите во кои загинаа 191 лице, а беа повредени околу 2000, потекнуваат неколку месеци пред тие да бидат извршени. Во септември 2003-та, Тунезиецот и Кинезот, симнале од интернет еден документ во кој т.н. “Комитет на мудрите“ од редовите на терористичката мрежа Ал Каеда предлага напад пред шпанскиот парламент со цел да ја принуди Шпанија на повлекување на нејзините трупи од Ирак.
Сметка што се исплатеше. Опозиционите социјалисти, кои во изборната борба ветија повлекување од Ирак, ги добија изборите и новиот премиер Хозе Луис Сапатеро, го исполни ветувањето.
Судскиот процес ќе почне отккао ќе бидат подигнати сите обвиненија. Државниот обвинител, Олга Санчез, вели:
“Би ми било подраго доколку процесот почнеше веднаш. Не знам кога ќе почнеме. Можеби догодина во ова време. Да се надеваме.“
Времето притиска, зашто за две години истекува дозволениот рок на притвор на осомничените, кои потоа би морало да бидат пуштени.