1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историски договор за мир на југот на Филипините

СН/АМ/миа/дпа/ртр7 октомври 2012

Филипинската влада најави мировен договор со муслиманските бунтовници во земјата, со кој би требало да му биде ставен крај на 40-годишниот конфликт, кој однесе повеќе од 100 илјади животи.

https://p.dw.com/p/16LpN
Фотографија: Reuters

Претседателот на Филипините, Бенињо Акино соопшти дека владата на оваа азиска островска држава  и бунтовниците од Исламскиот фронт за ослободување на јужниот дел на земјата постигнаа историска спогодба за прекин на конфликтот, кој трае околу 40 години,

Спогодбата содржи патокази за решавање на конфликтот, а главен елемент на патоказите е до крајот на мандатот на Акино во 2016 година да биде создаден нов полуавтономен регион Бангасаморо, во јужните делови на оваа мнозински католичка  земја, во кои преовладува муслиманското население.

„Во согласност со спогодбата се создава нов политички субјект, кој треба да носи име, кое ја симболизира историјата на нашите предци во Минданао, тоа име е Бангасаморо. Со постигната спогодба се издигнуваме над предрасудите. Со неа настрана ги оставаме недовербата и немањето перспектива, кои досега ги уништуваа сите обиди за постигнување мир“,изјави Акино.

Преговорите меѓу Владата и бунтовниците се водеа во главниот град на Малезија, Куала Лумпур. Согласно договореното треба да биде формриана 15-члена комисија, која до крајот на 2015 година ќе подготви закон за создавање на новиот полуавтономен регион. Според спогодбата новиот полуавтономен регион ќе добие поголема политичка и економска слобода, ќе може да воведува локални даноци, самостојно да решава проблеми поврзани со внатрешната безбедност и ќе има право да го задржи поголемиот дела од заработката од експлоатацијата на природните богатства.