1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исправање на искривените слики за муслиманите

27 ноември 2010

Дебатата за можни исламистички напади во Германија ја бранува јавноста. Ваквите најави особено ги погодуваат лицата со муслиманска вероисповед. Каналот „муслим.тв“ се бори против стереотипите за овие луѓе.

https://p.dw.com/p/QJDU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога во медиумите се дискутира или известува за исламот, честопати доаѓа до мешање на политички, социјални и религиозни теми, кои прикажуваат искривена слика за муслиманите. Од друга страна, доколку тие самите бидат медиумски актери, се верува дека би можеле да придонесат кон создавање реална слика за нивната религија и начин на живот. Вакви напори прави каналот „муслим.тв“, кој емитува телевизиска програма на интернет.

Многу од познатите тв-лица со муслиманска вероисповед, како на пример водителката од Ем-Ти-Ви Кристијане Бејкер, или телевизискиот проповедник Амр Калед земаат збор на овој тв-канал на интернет-мрежата, но место има и за обичните муслимански граѓани. Спектарот од теми на новата телевизиска веб-страница поаѓа од работилници за хип-хоп, преку социокултурни содржини, па се` до прилози со религиозен тон. Муслим.тв е интернет-телевизија раководена од муслимани и има за цел да понуда алтернатива во германскиот медиумски простор. Основна желба е исламот да се прикаже од домашна перспектива, без какви било табуа на теми поврзани со него, вели Нури Сенај од Келн, основач на каналот:

Frauen, Türkei, Istanbul, Kopftuch
Медиумите честопати имаат голем удел во создавањето стереотипи кон други етнички или верски групиФотографија: picture-alliannce/dpa

„Едноставно сакаме да ги прикажеме муслиманите како луѓе, а не како чудовишта, терористи или атентатори, да ги претставиме како граѓани кои активно се вклучени во создавањето на општествените вредности, што, за жал, ретко се забележува во јавноста.“

Триесет и пет годишниот професор по турски и англиски јазик секојдневно дознава за тешкотиите со кои се соочуваат младите муслимани. Во 2006 година тој прво оформи подкаст ажуриран со епизоди во аудио-формат, а со новиот проект има можност и визуелно да ги портретира младите муслимани во Германија.

„Ова не е проект на поединец. Напротив, станува збор за групен проект, кој е се` уште во почетна фаза. Основна идеја беше да најдеме т.н. видео-репортери кои на лице место ќе информираат за настани од различни градови во Германија.“

За Сенај е особено важно да се чуе гласот на жените, без разлика дали носат шамија или не. На пошироката јавност, проектот и` стана познат преку одликувањето со кое Сенај се закити на една конференција во градот Вупертал. Наградата дотирана со 2.000 евра Сенај веднаш ја инвестираше во проектот и т.н. флип-камери за локалните репортери. Иако тв-страната на интернет се` уште не е технички доопремена, Сенај веќе доби реакции од неговите први фанови:

Bildreportage Berlin-Kreuzberg Admiralstraße U-Bahnhof Kottbusser Tor junge Türkinnen mit Kopftuch
За носителот на проектот, Нури Сенај, важно е да се чуе и гласот на жените-муслиманкиФотографија: DW

„Страницата е автентична: лицата за кои информираме најдобро може да се претстават сами. Во нашите прилози муслиманите сами зборуваат за себе, за нивната улога во општеството и за тоа како се снаоѓаат во секојдневниот живот со нивната религиозна заднина. Во емисиите на електронските медиуми во последно време многу се зборува за муслиманите, но не и лично со нив.“

Многу муслимани сметаат дека медиумите создаваат негативна слика за нив. Од друга страна, Нури Сенај со неговиот проект придонесува за раздвојување на медиумите од исламот. Таков впечаток има и Марсел Ајтнер, дизајнер на ентериер од Келн:

„Добро е што се начнуваат теми од секојдневниот живот погледнати низ призмата на исламот. Во традиционалните медиуми ретко може да се чуе за нив. Погледнав веќе неколку прилози, единствено ми пречеше што квалитетот на видео-клиповите е лош.“

За да се придобие што поголема публика, ќе мора да се подобри техничкиот квалитет на понудените содржини. Нури Сенај вели дека ако успее во тоа и натаму ревносно ќе информира за теми со кои ќе се подигне свеста за исламот.

Автор: Улрике Хумел / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска