1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Иран ја прекина потрагата по преживеани од земјотресот

ЖА / агенции
14 ноември 2017

Спасувачките екипи во Иран ги прекинаа акциите по силниот земјотрес. Властите соопштија дека шансите да се најдат преживеани се многу мали. Владата прогласи ден на жалост по катастрофата.

https://p.dw.com/p/2na52
Erdbeben im Iran 2017
Фотографија: IRNA

Стравувајќи од дополнителни потреси, многу луѓе во регионот меѓу Иран и Ирак, кој беше погоден од силен земјотрес, ноќта ја поминаа на отворено, без оглед на студот. Иранскaтa хуманитарна организација Црвена полумесечина соопшти дека биле подигнати бројни шатори за привремено сместување, но прекинот на снабдувањето со електрична енергија, недостигот од вода и затрупаните собраќајници ги отежнуваат напорите да му се помогне на населението. 

Iran Erdbeben Suche nach verschütteten Personen
Фотографија: picture-alliance/abaca/AA/F. Bahrami

„Потребна ни е помош. Имаме потреба од речиси сѐ, властите треба што поскоро да помогнат“ вели една жителка од градот Сарпол е-Захаб, кој е посебно тешко погоден. На луѓето првенствено им се неопходни шатори, вода и храна, изјави шефот на иранската Револуционерна гарда, генералот Мохамед Али Џафари, кој го посети подрачјето погодено од потресот. Новоизградените куќи го издржале релативно добро земјотресот, но постарите, изградени од глина, се целосно уништени, изјави тој за државната телевизија. Според извештај на новинската агенција Ирна, во загрозените области се испратени 30 тимови на Црвената полумесечина, а денеска нив  ги посети и иранскиот претседател Хасан Рохани, кој вети брза обнова. Иранската влада денешниот ден го прогласи за ден на државна жалост, изразувајќи им сочувство на роднините на жртвите, а на повредените посакувајќи им побрзо закрепнување.

Erdbeben im Iran 2017
Фотографија: Irna

Бројот на загинатите, како што соопштуваат властите, се искачил на преку 420, а повредени се преку 7300 луѓе. На ирачката страна на границата, според податоците од Министерството за здравство, загинале осум лица, а околу 330 претпреле повреди. Земјотресот со сила од 7,3 степени се случи во неделата вечерта по локално време, кога најголем дел од луѓето биле во своите куќи, посебно погоден е јужниот дел од курдскиот регион. Епицентарот на потресот бил на околу 50 километри северно од Сарпол е-Захаб, на длабочина од 34 километри, во западната иранска провинција Керманшах, а по главниот удар се почувствувани уште серија од преку 150 дополнителни потреси.