Iran Gedenkfeier Proteste
30 јули 2009Четириесет дена поминаа откако Неда Ага-Солтан беше убиена од истрел на улиците во Техеран, додека протестираше против резултатите од иранските претседателски избори. На роднините и пријателите на студентката им е јасно дека куршумот беше истрелан од оружјето на исламистичките доброволни сили, кои веќе со години насилно се справуваат со секој, кој е против режимот. Токму затоа за голем дел од иранските демонстранти Неда стана симбол, чија жртва ја отсликува вистинската ситуација во земјата и засекогаш ќе остане во сеќавањата.
Поразениот претседателски кандидат Мир Хосеин Мусави за денеска ја закажа комеморацијата за да им се оддаде почит на сите жртви од протестите. Беше планирано церемонијата да се одржи пред најголемата џамија во Техеран, Мошала, а на неа не беше предвидено да се држат никакви говори, туку единствено требаше да се читаат делови од Коранот. Иако опозицијата на својата веб-страница тврди дека целта на собирот не е да се претвори во политичка манифестација - министерството за внатрешни работи издаде забрана за негово одржување.
Автор: Улрих Пик / Трајче Тосев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска