1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инцидент и навреди пред Могилата на непобедените

ДТЗ
11 октомври 2021

Членови на Левица застанаа пред споменикот и го попречија пристапот на државните делегации да положат цвеќиња пред споменикот. Тие упатија навреди кон премиерот Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/41Wzl
Nord-Mazedonien | 80. Jahrestag des Aufstandes gegen den Faschismus | Regierungsdelegation
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Активистите од политичката партија Левица денеска го „окупираа“ меморијалниот комплекс „Могила на непобедените“ во Прилеп, каде се одбележува државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание. Единаесетмина застанаа пред споменикот и го попречија пристапот на државните делегации коишто требаше да положат цвеќиња пред споменикот. Додека во јавноста ваквата постапка едни ја оценуваат како герилска акција на Левица, друго жестоко го осудија инцидентот кој се што случи на одбележувањето на државниот празник. 

Единаесет активисти на Левица со црни маици, на кои беше одбележан нивниот партиски симбол, пристигнаа пред почетокот на свеченоста и не се повлекоа од Могилата ниту по пристигнувањето на државните делегации. Како што можеше да се види на директниот телевизиски пренос од прославата, прва пристигна делегацијата на претседателот Стево Пендаровски, којашто мораше од лево да ја заобиколи групата, за да пристапи и да положи венец на споменикот. 

Nord-Mazedonien | 80. Jahrestag des Aufstandes gegen den Faschismus | Regierungsdelegation
Делегацијата на претседателот Стево Пендаровски мораше од лево да ја заобиколи групата, за да пристапи и да положи венец на споменикотФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Кога се приближи делегацијата на премиерот Зоран Заев, кој беше придружуван од министерката Јагода Шахпаска, припадник на Левица му се обрати со зборовите дека не му е тука местото на Заев и да „оди да слави во Бугарија, бидејќи ова не е ваша територија“. Премиерот возврати да одат на психијатар, по што лицето од Левица возврати заедно да одат. 

Герила акцијата на Могила и однесувањето на левичарската партија наиде на реакции од страна на присутните на манифестацијата во Прилеп. 

Од Левица на социјалните мрежи објавија кој бил поводот за таквата постапка. „Не може премиер кој прави историски ревизионизам на бугарскиот фашизам, да доаѓа и ладнокрвно да положува цвеќе кај најсветото место на македонскиот антифашизам! Тоа е навреда кон АСНОМ-ските идеали на овој народ“, порачуваат од партијата. 

Nord-Mazedonien | 80. Jahrestag des Aufstandes gegen den Faschismus | Regierungsdelegation
Кога се приближи делегацијата на премиерот Зоран Заев, припадник на Левица му се обрати со зборовите дека на Заев местото не му е тука и да „оди да слави во Бугарија“Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Според нив, 11 октомври 1941 е денот кога прилепчани први ја кренаа својата лева тупаница против фашистичкиот окупатор - Бугарија. „Денес, 11 октомври 2021, членовите на Левица - Прилеп повторно застанаа во одбрана на честа на нашите предци кои го дале својот живот во Народноослободителната борба за Македонија. Им покажаа на неофашистичката влада на 'нивната земја' дека немаат ни образ ни право да се појават на чествувањето на овај ден“, велат од Левица. 

Неодамна нивни членови и активисти легнаа и на црвениот тепих на Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“, каде порачаа : „Газете преку нас и така сме згазени“.