1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мексико: Десетици луѓе загинаа на пазар за пиротехника

Денис Дитман, дпа
21 декември 2016

Најголемиот пазар за пиротехнички материјали во Мексико е срамнет во земја. Во серијата експлозии загинаа најмалку 31 лица, а повредени се најмалку 70.

https://p.dw.com/p/2UdYW
Mexiko Explosion Feuerwerkmarkt in Tultepec
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Verdugo

По експлозијата на првото пиротехничко средство, веќе немало бегање. Материјалите се палеле еден од друг, ракети летале во воздух, тешки детонации го потресувале пазарот за пиротехника Сан Паблито, во Тултепек. Кога прашината легнала на земја, станал видлив ужасот што зад себе го оставиле експлозиите.

„Луѓето бегаа и одеднаш исчезнуваа меѓу чадот и светкањето на ракетите“, раскажува член на службата за обезбедување на пазарот за весникот „Реформа“. „Тоа беа 25 минути хорор.“ Силата на експлозиите можела да се почувствува на неколку километри оддалеченост од пазарот.

Во инферното загинаа најмалку 31 лица, а повредени се најмалку 70. „Најмалку 25 лица имаат тешки повреди, некои имаат изгореници на 90 проценти од кожата“, изјави шефот на спасувачкиот штаб Хозе Манзур за радиото Формула. Три деца со тешки повреди се пренесени во специјална клиника во американската сојузна држава Тексас.

Пазар за пиротехника срамнет со земја

Над пазарот кружат хеликоптери. Специјални единици на полицијата со кучиња трагачи се во потрага по затрупани луѓе. „Пазарот е комплетно уништен“, изјави раководителот на Националната служба за цивилна заштита Луис Фелипе Пуенте.

Пожарот кој настана по експлозиите беше згаснат дури по неколку часа. Спасувачите ги евакуираат околните објекти. Иследниците се обидуваат да откријат која била причината за пожарот.

Претседателот на Мексико Енрике Пења Нието на Твитер напиша: „Сочувство до семејствата на загинатите во оваа несреќа. На повредените им посакувам брзо опоравување.“

Тултепек е центар на мексиканската индустрија за пиротехника. На пазарот Сан Паблито се продават 80% од сите пиротехнички материјали во земјата. На купување пиротехника доаѓаат луѓе од цело Мексико. Во Мексико традиционално има многу огномети. Пиротехника се користи на родендени, католички процесии или селски прослави. Продажбата е особено добра на националниот празник во септември и во декември - за Божик и Нова година.

Mexiko Explosion Feuerwerkmarkt in Tultepec
Фотографија: Reters/E. Garrido

Од август до крајот на годината во Сан Паблито, според наводи на управата на пазарот, се продаваат по 100 тони пиротехнички материјали. „На пазарот, со дозвола на Министерството за одбрана, легално со овие продукти тргуваат околу 300 трговци“, вели шефот на пазарот Херман Галисиа Кортес.

„На пазарот во Тултепек, во времето на експлозиите, имаше мал број купувачи“, изјави трговецот Армандо Сенесио за телевизијата Форо ТВ. На пазарот се продава само рачно изработена, неопасна пиротехника зашто „Министерството за одбрана не ни дозволува да продаваме опасни материјали“, нагласи Сенесио. Меѓутоа, при верижна реакција, и многу мали пиротехнички тела заедно можат да предизвикаат огромна експлозија.