Интер се сопна на Германците
6 април 2011Во спектакуларен натпревар на „Џузепе Меаца“ Шалке го совлада бранителот на титулата во Лигата на шампионите, Интер, за кој не настапи македонскиот репрезентативец Горан Пандев. Убедливи 5 спрема 2 одиграа фудбалерите на Ралф Рањик пред реваншот во Гелзенкирхен.„Што да се каже по една ваква игра? За гледачите беше фантастичен натпревар, ни малку не беше здодевен. На крајот можеше да биде 5 спрема 10 или 4 спрема 8. За нас беше грандиозна вечер“, изјави Рањик.
Натпреварот не почна розово за Шалке. Станковиќ го постигна првиот погодок за „неуроаѕурите“ уште во 26 секунда од натпреварот од 50 метри, а Интер поведе и со 2:1. Германците сепак убедливо го совладаа европскиот првак, кој со голема веројатност ќе биде елиминиран од натамошниот тек на натпреварите. Покрај Станковиќ, вториот гол за Интер го постигна Диего Милито. Во првото полувреме изедначуваа Џоел Матип и Еду, а во вториот дел Шалке поведе преку Раул Гонзалес, автоголот на Андреа Ранокиа и Еду.
На „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид пак, Реал оствари победа над Тотенхем со 4:0. Стрелци на головите за „кралскиот клуб“ беа Емануел Адебајор, Анхел Ди Мариа и Кристијано Роналдо. Гостите од Тотенхем од 15- та минута играа со играч помалку, бидејќи беше исклучен Питер Крауч поради два жолти картони.
На 13 април се реванш натпреварите во Тотенхем, односно во Гелзенкирхен.
Вечерва ќе се одиграат и вторите четвртфинални средби во Лигата на шамопините меѓу Челзи и Манчестер Јунајтед и Барселона и Шахтјор.
Автор: АТ/ СН/ дв/ миа
Редактор: Жана Ацеска