1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интернетот- ново оружје против угнетувањето

13 мај 2011

Интернетот и социјалните онлајн мрежи играат се’ поголема улога во борбата за човековите права и против угнетувањето. Ова произлегува од извештајот за 2011 година на организацијата Амнести интернешнл.

https://p.dw.com/p/11FBE
„Сакаме интернет“ , парола на демонстрациите во ЕгипетФотографија: AP

Правото на слободно изразување е едно од основните човекови права и камен темелник на Амнести интернешнл. Пред се’ во арапскиот свет, блогерите, новинарите и активистите за човекови права ги користат новите технологии, преку кои бараат политички реформи и почитување на човековите права. Вестите за протести и штрајкови брзо се шират преку интернет и значително придонесоа за пресвртот во Египет и Тунис, вели заменикот генерален секретар на Амнести интернешнл за Германија Волфганг Гренц. Меѓутоа потребни се натамошни промени. Така на пример во Египет годинава стапи во сила закон кој ги криминализира мировните протестни акции и штрајковите. На работниците, кои учествуваат во штрајк им се заканува парична и затворска казна. Затоа претставникот на Амнести интернешнл бара:

Screenshot 6april.org
Скрин-шот од египетски блог посветен на протестното движење против режимот на Хосни МубаракФотографија: http://6april.org/

„ Германската влада, Европската унија и владата на САД мораат консеквентно да се заложат кај преодната египетска влада и воениот совет за подобрување на заштитата на човековите права.“

Арапскиот свет во фокусот

Амнести интернешнл ја поздрави понудата на германската влада да пружи поддршка при формирањето на демократските структури, реформата на правосудството и отворање на економските перспективи за младата генерација.

Во Сирија, Либија, Бахраин и Јемен владите употребуваат сила против мирните демонстранти за да останат на власт и се обидуваат да го стават под своја контрола пристапот до информации. Во Судан, новинарите, политички активните блогери и наводните критичари на режимот исто така се попречуваат во нивната работа, се вели во извештајот. Во Кина пак властите се обидуваат да ги спречат новинарите, адвокатите за човекови права, еколошките активисти, писателите и уметниците, но и граѓаните, да објават политички бризантни теми. Ги обвинуваат за шпионажа, сепаратизам или субверзија.

Amnesty Report 2011 Wolfgang Grenz
Волфганг Гренц од германската секција на Амнести ИнтернешнлФотографија: picture-alliance/dpa

Заострените гранични контроли не се решение за проблемот со бегалците

Според Амнести интернешнл угнетувањето на слободата на мислењето и протокот на информации во Кина значително се зголемило во последните месеци. Од февруари повеќе од 100 активисти биле уапсени или ставени во домашен притвор

„Кога во Кина може да исчезне позната личност како Ај Вејвеј, тогаш стравуваме дека е уште полошо за помалку познатите активисти“, вели Гренц.

Амнести интернешнл во годишниот извештај 2011 го критикува и односот на Германија и останатите европски држави при прифаќањето на бегалците од Северна Африка.

„Заострени гранични контроли, според наше мислење не се решение за проблемот со бегалците,“ вели Гренц и опоменува дека пресретнувањето на мигрантите во Средоземното Море, без да се проверат причините за бегство претставува повреда на меѓународното право на бегалците и човековите права.

Автор: Сабине Рипергер

Редактор: Симе Недевски