1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интересот во Македонија за изучување на германскиот јазик во подем

Свето Тоевски3 ноември 2013

Интересот за учење, студирање и научно истражување на германскиот јазик во Македонија бележи постојан подем. Сега го изучуваат околу 61.000 ученици и 1.600–2.000 студенти на германистичките катедри во сите факултети.

https://p.dw.com/p/1AAoS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Податоците на Државниот завод за статистика и на образовните институции покажуваат дека интересот за германскиот јазик постојано расте не само во оваа и во минатата година, туку оти тоа е тренд присутен веќе 20 години. Во Македонија германскиот како странски јазик е застапен на сите рамништа на образовниот процес, во голем број градски и селски, основни и средни училишта.

Судејќи според бројот на учениците што го одбираат, германскиот јазик се побрзо се доближува до второто место на популарноста - до англискиот. Во државните основни и средни училишта има околу 350 наставници по германски јазик, а веројатно уште исто толку и во приватните училишта. Пред 23 години имаше 40 наставници.

Одговор на зголемениот интерес

Германските и австриските организации, кои работат на полето на јазичната и културната политика, реагираа брзо на зголемениот интерес за германскиот јазик и култура во Македонија. „Гете институтот“ отвори во Скопје „Германска читална“, која располага со многу голем број книги и списанија на овој јазик. Германската „Централна служба за настава во странство“ испрати еден советник и тројца наставници за германски јазик и тие во неколку специјални јазични паралелки во три скопски гимназии одржуваат интензивна настава по овој јазик со зголемен број часови и реализираат различни проекти со учениците. Во рамки на „PASCH – иницијативата“ - "Училишта - партнери на иднината“, „Гете институтот“ поддржува 12 основни училишта во Скопје, Велес и Охрид преку проектот за изучување на германскиот јазик од прво одделение. Проектот опфаќа работилници, натпревари како и културна понуда, со цел да се придонесе наставата по германски да биде поатрактивна за учениците.

Марија Костоска, проектен асистент во Канцеларијата за врски во Скопје на „Гете институтот“, вели за ДВ: „На наставниците им се нудат методско-дидактички обуки и јазични курсеви. Училиштата се опремуваат со современи мултимедијални материјали за учење, подучување и информирање. Ангажираните ученици од партнерските училишта, избрани по пат на тестирања и натпревари, имаат можност да се здобијат со стипендија за тринеделен курс за млади во Германија, кој им овозможува да ги продлабочат познавањата на германскиот јазик и лично да ги доживеат Германија и нејзината култура“.

Мерките и активностите што ги презема и македонското Министерство за образование во рамки на реформската динамика покажуваат, исто така, позитивни резултати во осовременувањето на наставата по германски јазик, што се одразува и во се' поголемиот интерес за негово изучување како наставен предмет. Бирото за развој на образованието на Македонија интензивно соработува во заеднички проекти со германските организации, заради подобрување на наставата. Во соработка со ова биро „Гете институтот“ и австриската организација „Контакт на културите“ редовно организираат семинари и спроведуваат проекти за стручно усовршување на наставниот кадар за германски јазик.

Symbolbild Lesen Kind Liest
Околу 61.000 ученици и од 1.600 до 2.000 студенти во Македонија го изучуваат германскиот јазикФотографија: Fotolia

Германија го скрати буџетот за изучување на германскиот јазик

Петер Рау, професор на катедрата по германски јазик на државниот Филолошки факултет во Скопје и раководител на „Германско– македонскиот совет за академска соработка“ посочува: „Многу е подобрено образованието на наставници по германски јазик. Во сите македонски државни и приватни универзитети сега има од 1.600 до 2.000 студенти на германистичките катедри. Напредок има и од содржински аспект. Сега најновите програми за учење на овој јазик и за обука на наставниците, кои ги нуди ’Гете институтот', содржат не само јазични, туку и културолошки и литературни теми. Тоа ја зголемува мотивацијата на младите во училиштата и на факултетите да се решат за германскиот како странски јазик. Но, јас не сум задоволен од поддршката од страната на Сојузна Република Германија, поради кратењето на финансиските средства во нејзиниот јавен буџет за ваквите намени. Оттука во програмите се вклучуваат само младите, а не и сите други генерации и возрасти на луѓе заинтересирани за учење на германскиот. Тоа не е позитивно. Сепак, парите за германскиот ангажман на овој план во соседните и другите држави од Источна Европа повеќе се скратени одошто во Македонија, која и натаму има посебен статус во програмите за поддршка за учење на овој јазик“.

Prof. DR. Peter Rau
Професор д-р Петер РауФотографија: Sveto Toevski

„Оној кој не знае други јазици, не го знае ниту својот

Професорката Силвана Симовска од катедрата по германски јазик од државниот Филолошки факултет во Скопје објави две свои монографии со научни проучувања на германскиот и македонскиот јазик, воспоставувајќи така и два нови значајни научно–јазични моста меѓу Македонија и Германија. Во едната од нив таа ја цитира мислата на Волфганг Гете дека „оној кој не знае други јазици, не го знае ниту својот“. Во врска со првата монографија „Контрастивни проучувања: сложените именки во германскиот и во македонскиот јазик“ професорката Лидија Аризанковска при промоцијата, одржана неодамна, имаше истакнато:

„Тоа дело ги претставува постојните и новите зборообразувачки обрасци како дел од современите зборообразувачки тендениции, а кои придонесуваат кон збогатувањето на зборовните системи на германскиот и македонскиот јазик“.

Околу втората монографија „Здрава храна наместо ’брза храна’: новите наспроти старите композициски модели во германскиот јазик“, напишана на германски, вториот промотор професорот Волфганг Моч имаше речено:

„Овој труд ќе има влијание во расправата посебно кога се зборува за правилата за зборообразувачки обрасци и за потенцијалот во однос на формирањето нови зборови.“

„Гете институтот“ во соработка со државните културни институции и невладините организации и здруженија организира разновидни културни проекти, како изложби, филмски проекции, концерти, литературни читања, работилници, предавања и слично со цел да се зголеми интересот за германската култура и јазик, да се претстават новите, иновативни трендови во областа на уметноста, да се продлабочи соработката меѓу двете култури и на тој начин да се овозможи размена и да се дадат нови поттици и креативни импулси во двете насоки.