1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интелигентно обезбедување на границите

Волфганг Дик/ Симе Недевски18 февруари 2013

Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс Петер Фридрих сака да биде воведен единствен регистер на патниците кои влегуваат во ЕУ, за возврат Германија би можела да ги укине визите за граѓаните на некои држави.

https://p.dw.com/p/17gES
Фотографија: picture alliance/dpa

Најновиот случај со Мохамад Арифи ги вознемири германските власти. На Арифи, кој е класификуван како радикален, му успеало и покрај забраната да влезе на територијата на Германија. Тој непречено можел да држи говори во џамиите во Хајделберг и во Берлин, иако е под сомневање дека ги поддржува исламистите во Сирија и оти ги повикува на вооружена борба. Во моментов се води истрага за тоа како Арифи можел да влезе во Германија.

Неговиот случај не е единствен. Бројот на нелегални влегувања во земјата е зголемен. Покрај тоа постојат уште околу 5 илјади случаи во кои лицата, кои целосно илегално влегле во Германија, го надминале тримесечниот рок за напуштање на земјата. Затоа германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих се залага за воведување подобри контроли на ниво на ЕУ каде повеќе не постојат граници меѓу земјите-членки. Германија, погледнато од географски аспект, зазема средишна позиција и поради тоа и‘ се потребни функционални контроли во земјите кои се наоѓаат на надворешните граници на ЕУ.

Нов план- подобар систем за предупредување

Schengen Visum Ukraine
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според идејата на германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих, надзорот на престојот во ЕУ и во Германија би требало потесно да се поврзе. Притоа тој мисли на две групи луѓе: граѓаните на земјите на кои досега им беше потребна виза за Германија, на пример државјаните на САД, африканските земји или Русија и жителите на земјите кои досега во Германија можеа да влегуваат без визи, на пример државјаните на Малта, Костарика или Северна Ирска.

За оние на кои им е потребна виза веќе сега важи правилото дека мораат да поднесат барање во германските амбасади и конзулати, да ја наведат причината за патувањето, кој ги финансира трошоците за престој и пат и како по истекувањето на важноста на визата ќе ја напуштат земјата. Таквите проверки и покрај бројните скандали поврзани со плаќањето на мито за добивање виза во периодот 2000-2004 година се чини добро функционираат. Само во 2012 година во германските дипломатски претставништва се одбиени 138 илјади барања за добивање виза. Русија и Турција меѓутоа сакаат да биде олеснет визниот режим за нивните граѓани. Германија со задоволство би ги исполнила тие барања, но само ако наместо визен се создаде некој нов контролен механизам. Во спротивно постои опасност за губење на контролата, се наведува во германското министерство за внатрешни работи. Во планираниот регистер за влез и излез би требало да бидат опфатени сите лица кои ги уживаат предностите на визната слобода и кои во земјите на ЕУ можат без прекин да останат 90 дена. Пред доаѓањето тие би требало да се пријават преку интернет и точно да ја образложат причината за доаѓање во ЕУ или во Германија.

Предностите на единствениот регистер

Ukraine Deutschland Kolsularabteilung Deutscher Botschaft in Kiew
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во моментов постојат многу дефицити кога станува збор за тоа како да се постапува по прашањето на визните олеснувања, наведуваат германските политичари кои во Берлин интензивно се занимаваа со оваа тема. Многу Руси од Санкт Петерсбург на пример патуваат во Финска, а потоа во Германија. Не знаме ниту кога доаѓаат, ниту кога заминуваат“, вели социјалдемократот Михаел Хартман, кој во Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот се залага за воведување единствен контролен систем во ЕУ.

Рајнхард Гриндел, кој во истата комисија ја претставува владејачката христијанско-демократска унија, ја нагласува најважната предност на единствениот регистер за влез и излез на патниците од земјата: „Кој по три месеци нема да ја напушти земјата, по него може да се врши целна потрага“. Гриндел смета дека идејата за воведување на регистарот ќе биде остварена за најмалку две, три години. Партиите на Зелените и на Левицата ги критикуваат ваквите предлози, зашто стравуваат дека со нивното остварување би дошло до премногу силна државна контрола.

За воведување на централниот европски систем за надзор на европските граници уште во 2008 година се залагаше тогашниот еврокомесар за внатрешни работи Франко Фратини. Тие планови меѓутоа не дотуркаа далеку, но сега тоа може да се промени. До крајот на февруари Европската комисија има намера да изнесе предлози за прописите на единствениот регистер за пријавување на престој, што би можело да им даде поттик на германските планови.