1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индекс за заштита на климата: Разочарувачки резултати

Кристоф Пресл | АРД
9 ноември 2021

Кои држави се на вистинскиот пат за остварување на климатските цели? На конференцијата во Глазгов е претставен индексот за заштита на климата, а резултатите се - разочарувачки.

https://p.dw.com/p/42lb5
Symbolbild Deutschland Energiewende | Kohlekraft, Windkraft, Sonnenblume
Фотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Победник нема - првите три места на листата остануваат празни, зашто во ниту една држава во светот не се препознава тенденција која би била доволна за да се пополнат првите три места, се вели во извештајот на Џерманвоч, институтот Њу Клајмат, како и Мрежата за климатска акција.

Најдобро пласирана земја, на четвртата позиција, е Данска, а по неа следуваат Шведска и Норешка. Скандинавските земји рано почнаа да се занимаваат со заштита на климата, вели Јан Бурк, референт за заштита на климата и енергија во Џерманвоч: „Тоа беа први земји кои навистина имаа сериозна цена за ЦО2.“

Долго време предводник беше Шведска, со цена од над 100 евра за тон ЦО2. „Тоа се вредности за кои Германија може да сонува. Тоа, на пример, во Шведска доведе до тоа веќе да нема емисии во делот на објектите. Тие се комплетно декарбонизирани, што зборува многу за една земја во која мора да се загрева навистина многу.“

Ранглисти во четири категории

Експертите прават ранглисти во четири категории. Се анализира испуштањето гасови кои се штетни за климата по глава на жител. Во оваа категорија во долниот дел на листата се земји како Кина, Полска, Русија, но и САД и Саудиска Арабија.

Повеќе:

Од реторички заложби до конкретна акција за „озеленување“ на политиките и буџетот

Прво ветување од КОП26: Спас на шумите на планетата

За климата треба да се зборува уште во основно училиште

Друга категорија се обновливите енергии. Тука повторно најдобри се нордиските земји, додека држави како Австралија, Канада, САД, Алжир и Мексико се во долниот дел на листата. Освен тоа, се прави и споредба на потрошувачката на енергија и климатската политика. Во оваа категорија предводат Луксембург, Данска и Мароко. Во Мароко се изградени големи соларни централи. „Фенерџии“ во оваа категорија се Бразил, Алжир и Австралија. Во Австралија, на пример, за добивање енергија се троши многу јаглен. Владата има наведено климатска цел дури за 2050 година.

Infografik Klimaschutz-Index 2022 Ranking EN

Германија се подобри

Германија годинава се подобри за шест места и на листата е на 13 место, информира Јан Брук. „Тоа, пред сѐ, се должи на тоа што Германија во 2019 година релативно многу ги намали своите емисии со исклучување на некои термоцентрали и што Германија ги зголеми своите цели благодарение на притисокот на Уставниот суд. Тоа се два важни индикатора кај нас и затоа Германија се подобри.“