1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инвестиции во рајот - нема!

3 јануари 2011

Македонија добро ги знае сопствените слабости што ги одвраќаат инвеститорите од намерата да вложуваат пари на двомилионскиот пазар. Германските компании се многу претпазливи кога станува збор за инвестирање во Македонија

https://p.dw.com/p/PZ2V
Фотографија: fotolia/VRD

Зошто германските компании не инвестираат во Македонија? Дали се плашат за својот капитал поради потенцијалните ризици или немаат доволно интерес поради малиот пазар?

Дојче Веле им ја постави оваа дилема на најупатените германски економски новинари и преставници на стопанските комори.

Groß.jpg
Фотографија: DW

Во германскиот Комитет за економски односи со источна Европа членуваат 150 компании, повеќето од нив звучни имиња од германскиот бизнис. На прстите од една рака можат да се избројат компаниите кои работат со или во Македонија. Кои се главните причини за ваквата слика? Ања Квиринг од седиштето на Комитетот во Берлин задолжена за балканските земји е свесна дека обемот на директни германски вложувања во Македонија не го следи нивото на трговска размена меѓу двете земји:

„Во моментов нема конкретни проекти, но има потреба од инвестиции во повеќе сектори. Инфраструктурата и енергетиката се најатрактивни за германските инвеститори.“

Фокусирање на сопствените предности

Македонија стори многу за да се претстави како инвестициски рај во Европа, но се‘ уште, во секој извештај се посочуваат бројните слабости кои ги одвраќаат инвеститорите. Како главни пречки за инвестирање Кверинг ги споменува нетранспарентните процедури, имотните проблеми, прашањето на катастарот.

Logo Macedonina timeless
Фотографија: DW

Македонија треба да работи на отстранување на слабостите, но не да се концентрира на нив, туку да се фокусира на сопствените предности, препорачува Херман Јозеф Тенхаген, главен уредник на „Финанцтест“:

„Македонија мора да размисли за сопствен бизнис модел, да има идеја на што да се насочи. На пример, земете ја Словачка, земјата стана партнер производител на автомобили. Треба да се процени за што ја бидува Македонија и сите потенцијали да се насочат кон тоа. Тоа се вика добра инвестиција“, вели Тенхаген.

Од осамостојувањето на Македонија, во земјата влегле како донации и поволни кредити околу 200 милиони евра германски пари. Германија е на врвот од листата трговски партнери на Македонија. Ваквата интензивна економска соработка не е поткрепена уште на полето на директните инвестиции.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска