1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240910 Siedlungsbaumoratorium Ablauf

25 септември 2010

Ноќеска истекува мораториумот на градењето нови еврејски населби на палестинските автономни подрачја на Западниот Брег. Израелската влада има намера од утре (26.09.2020) да дозволи да продолжат градежните работи.

https://p.dw.com/p/PMYI
Главните играчи: Хилари Клинтон, Махмуд Абас (во средината) и Бенјамин НетанјахуФотографија: DW-Montage/AP/picture-alliance/dpa

За палестинската страна прекинот на мораториумот претставува причина за прекин на неодамна почнатите директни мировни преговори. Со оглед на кревкоста на преговорите и можните последици од нивниот прекин, во обидите за изнаоѓање решение се вклучи и американската дипломатија.

Израелската влада во меѓувреме сигнализираше подготвеност на компромисно решение. По телефонскиот разговор со премиерот Бенјамин Нетанјаху, министерот за одбрана Ехуд Барак го продолжи престојот на Генералното собрание во Њујорк за да учествува во преговорите за изнаоѓање решение во последен миг.

Синоќа ( 24.09.2010) во Њујорк се сретнаа и претседателот на Палестинците Махмуд Абас и шефицата на американскиот Стејт Департмент, Хилари Клинтон. По средбата Абас изјави дека „нема ништо ново“, но затоа за денеска е закажана нова средба со Клинтон. Државниот секретар во Стејт департментот, Џеф Фелдман, потврди дека се водат интензивни преговори, при што американската влада врши притисок врз израелската страна да го продолжи мораториумот на градење еврејски населби на палестинските автономни подрачја. Истовремено владата во Вашингтон се обидува да им објасни на Палестинците дека не е во нивен интерес да се прекинат неодамна почнатите директни преговори.

Palästinenser Israel Siedung Bau in Westjordanland
Една од спорните населби, Малех Адумим, во близината на ЕрусалимФотографија: AP

Компромисен модел

Израелскиот весник „Једиот ахронот“ пишува дека се преговара за компромисен модел, според кој Израел официјално нема да прогласи ниту продолжување на мораториумот, ниту пак ќе дозволи продолжување на градежните работи, но тие на теренот ќе продолжат, само во намален обем. Досега палестинската страна одбиваше секаков компромис. Претседателот Махмуд Абас пред претставници на дијаспората во Америка порача дека какви и да се градежни работи на Израелците на палестинските автономни подрачја, вклучувајќи го и Источен Ерусалим, се лоша подлога за продолжување на преговорите. Абас предлага Израел да го продолжи мораториумот за еден до два месеца, а за возврат ветува брза спогодба за некои од спорните теми во мировните преговори.

Frieden Nahost Netanjahu Obama
Барак Обама (во средината) со лидерите на двете страни, Бенјамин Нетанјаху (лево) и Махмуд АбасФотографија: picture-alliance/dpa

Апел од Обама и Меркел

За мировните преговори на Блискиот исток стануваше збор и во вчерашниот телефонски разговор меѓу американскиот претседател Барак Обама и германската канцеларка Ангела Меркел, кои ги повикаа двете страни да сторат се’ за да го спречат пропаѓањето на преговорите. Двајцата се сложија во ставот дека Израел мора да го продолжи мораториумот. Сличен апел Обама упати и од говорницата на Генералното собрание во Њујорк, што наиде на големо ехо во Изрел. Министерот за социјални прашања Ицак Херцог порача:

„Израел би требало со чесна, храбра и смела формулација да најде формулација и да го испочитува советот на претседателот Обама.“

Автор: Клеменс Ференкоте/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска