1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Случај Новичок и во Бугарија?

13 февруари 2019

Во април 2015 година, бугарскиот дилер на оружје Емилијан Гебрев едвај преживеа труење. Сега се множат доказите дека нападот би можел да биде поврзан со обидот за убиство на Сергеј Скрипал.

https://p.dw.com/p/3DHU2
Bulgarien Emilian Gebrew, Rüstungsfabrikant
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Дали нападот со отров врз бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев на 28 април 2015 година бил претходник на труењето на Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во март 2018 година? Ова сомневање беше покренато во октомври 2018 година на инвестигативните платформи Фонтанка и Белингкет, откако тие наводно идентификуваа трет руски агент вмешан во случајот Скрипал. Под името Сергеј Федотов, осомничениот агент на руската воена разузнавачка служба влегол во Англија три дена пред нападот врз Скрипал, тврди истражувачкиот тим.

Федотов бил и трипати во Бугарија во 2015 година, потврди бугарскиот главен јавен обвинител Сотир Цацаров на 11 февруари годинава. Тој, докажано бил во земјата и за време на нападот врз Гебрев во Софија, истакна Цацаров.

„Го испитуваме целиот период што го поминал на бугарска територија: хотелите, користените возила, неговите контакти со бугарски граѓани", објасни главниот обвинител.

Како профилите на движење на Федотов во Англија и во Бугарија, така и токсичните супстанции користени во двата напади се многу слични, тврди истражувачкиот тим на Белингкет. Бугарското јавно обвинителство, врз основа на новите информации, во октомври 2018 година повторно покрена истражна постапка за случајот Гебрев. А по средбата на бугарскиот премиер Бојко Борисов и јавниот обвинител Цацаров со британскиот амбасадор во Софија, Ема Хопкинс, на 11 февруари беше најавена тесна соработка за разјаснување на случаите.

Salibury Polizeieinsatz Giftattentat Nowitschok
Фотографија: Reuters/H. Nicholls

Кој е Емилијан Гебрев и што точно се случи на 28 април 2015 година?

Гебрев за време на Студената војна работел за бугарскиот државен концерн за оружје Кинтекс. Во тоа време, балканската земја се вбројуваше меѓу најголемите извозници на оружје во светот - особено како производител на калашникови и како реизвозник на советските системи за вооружување. По падот на Железната завеса, Гебрев во 1992 година ја основа фирмата за оружје Емко, која е многу успешна: во 2017 година, компанијата оствари промет од 100 милиони евра. Во овој период, Бугарија, исто така, повторно забележа подем како произведувач на оружје. Со годишен обрт од над една милијарда евра, земјата стана најголем извозник на оружје во Источна Европа во 2018 година. Бугарското оружје, вклучувајќи ги и производите на Емко, се продаваа главно на Блискиот Исток (вклучувајќи ја и Сирија) и во Украина. Бугарските медиуми шпекулираат дека ваквиот развој со години бил трн в око за Москва.

Повеќе:

-Со нарачаните убиства тајните служби испраќаат порака

-Последниот доказ во случајот Скрипал

-Потерница по двајца Руси за труењето на Скрипал

На 28 април 2015 година Гебрев се онесвести на еден прием. Неговиот син и еден негов соработник исто така беа однесени во болница. Дијагнозата беше труење со пестициди во салатата од рукола или во кафето. Гебрев се разбуди од кома, а и неговиот син и соработникот исто така, се опоравија. Производителот на оружје потоа испрати примероци крв во две лаборатории во Швајцарија и во Финска. Во Хелсинки беа откриени траги од два органофосфати, но една од двете супстанции не можеше да биде идентификувана. Сепак, истражувачкиот тим на Фонтанка и Белингкет тврди дека неидентификуваната супстанција всушност била Новичок - истиот отров како во нападот врз Скрипал.

Истиот отров како кај Скрипал?

Поранешниот бугарски министер за одбрана Бојко Ноев ја споделува ваквата претпоставка: „Тие [Гебрев и неговите придружници] се отруени со органофосфат. Тоа е супстанција од истата група како Новичок“, изјави Ноев во телевизиското интервју на 12 февруари. 

Sergej Skripal
Фотографија: picture-alliance/Globallookpress.com

Објаснувањето на Ноев: Со труењето на Гебрев, Кремљ сакал да ја „заузда“ бугарската индустрија за оружје и да ја дестабилизира земјата членка на НАТО. Тој не е единствен со ваква претпоставка. Руското влијание во Бугарија и натаму е многу силно. Според анкетите, повеќе од 50 отсто од Бугарите се позитивно настроени кон Русија. Набљудувачите постојано предупредуваат дека руската влада сака да ја употреби Бугарија како „Тројански коњ“ во ЕУ и во НАТО. И бугарските власти секогаш се многу претпазливи кога станува збор за Москва. Имено, Бугарија беше една од 14-те членки на ЕУ кои не протераа руски дипломати по нападот врз Скрипал. И денес, актуелната владејачка структура во Софија се обидува „под килим“ да го турне труењето на Гебрев, смета Ноев.

Дали е тоа навистина така и какви поврзници се откриени досега во обидите за атентат врз Скрипал и врз Гебрев - за тоа повеќе детали се очекуваат на претстојното сослушување во бугарскиот парламент.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.