1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изјавите на Николиќ и’ нанесоа штета на Србија

Марина Максимовиќ/ Александра Трајковска6 јуни 2012

Претседателот на Србија Томислав Николиќ со своите „тврди и недипломатски“ изјави нанесе штета на европскиот пат на Србија, добрососедската соработка и на жртвите од војната во регионот, сметаат во Брисел.

https://p.dw.com/p/158qB
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изјавите на новиот претседател на Србија Томислав Николиќ не престануваат да предизвикуваат реакции, како меѓу соседите на Србија така и во Брисел. Европските официлајни лица повеќепати потсетија дека очекуваат српските власти, вклучително и претседателот и владата да продолжат по патот на евроинтеграција на земјата, посебно обрнувајќи внимание на важноста на регионалната соработка и помирувањето во тој процес.

Претседателите на Европскиот совет и Европската комисија, како и шефицата на европската дипломатија сега ги очекуваат разговорите со Николиќ закажани за 14 јуни во Брисел. Известувачот на Европскиот парламент за БиХ Дорис Пак подвлекува дека зборовите на Николиќ, на самиот почеток на неговиот претседателски мандат се „чудни и несфатливи“:

„Се надевам дека тоа е поради неговото неискуство кога станува збор за високо-политички обврски и позиции. Тој на сите мора да ни покаже, и на оние кои гласаа за него дека е заинтересиран за напредок на Србија, а не за нејзино назадување. Она што сега го стори ја враќа Срија назад“, изјави Пак за ДВ.

Штета за Србија, за добрососедските односи и жртвите во регионот

Официјален Брисел за сега дипломатски вели дека верува во зборовите на Николиќ изговорени изборната ноќ, дека ќе продолжи по евроинетегративниот пат на Србија. Меѓутоа има мислења дека е неопходно Европската унија на Николиќ да му одговори на начин на кој тој зборуваше. Дорис Пак оценува дека тоа било „тврдо и недипломатски“. Таа потсетува дека Николиќ е долго во политиката, дека е наследник на националистите и дека подоцна се обидел да се промени:

„Сега гледаме дека тоа не е случај. Мораме да бидеме многу внимателни во врска со нашата доверба. Се надевам дека може да го поправи она што и го направи на Србија, оти тоа не и го направи на ЕУ, туку на Србија, на жртвите во регионот и односите на Србија со БиХ и Хрватска“.

Брисел бара сериозен партнер за евроинтеграција

Пак вели, ако лидерот на една земја изнесува идеи какви што Никлиќ изнесе за Сребреница и Вуковар, за него е потребно внимателно да се пресудува. Истовремено таа ги повика европските официјални лица, на претседателот јасно да му кажат како Европа гледа на работите, да му укажат дека засега не и е од помош на Србија во нејзиниот напредок и да му објаснат „ако не ја разбира важноста на неговите зборови“:

„Ако остане така едностран, би било штета. Од друга страна, може да се поправи и со тек на времето на него да се гледа како на сериозен партнер на патот на Србија во евроинтеграциите“, заклучува Дорис Пак во разговор за ДВ.