1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел подготвен за „значително проширување“ на операцијата во Газа

СН/ЖА/ртр/миа/афп/дпа18 ноември 2012

Судирите на Блискиот Исток продолжува. Израел и натаму бомбардира цели во Појасот Газа, истовремено подготвувајжи се за евентуална копнена операција, а палестинските милитанти продолжуваат со ракетирање на Израел.

https://p.dw.com/p/16lAM
Фотографија: picture-alliance/dpa

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека неговата земја е подготвена значително да ја прошири нејзината воена операција против милитантите во Појасот Газа, кој е под контрола на радикалното палестинско движење Хамас.

„Армијата е подготвена за значително проширување на операцијата“, изјави Нетанјаху на почетокот на неделната средба на владиниот кабинет. „Војниците се подготвени за секаква активност која би можела да се случи“, порача израелскиот премиер.

Нетанјаху ги изнел условите за примирје

Gaza Hamas Luftangriff Israel Ismail Haniyeh Premierminister Gebäude
Фотографија: Reuters

Израелскиот весник „Хаарец“ пртходно објави дека Нетанјаху во телефонски разговор со американскиот претседател Барак Обама и со германската канцеларка Ангела Меркел изјавил дека Израел е подготвен да ги прекине нападите на Појасот Газа доколку истовремено бидат прекинати ракетните напади од Газа врз Израел.

Во меѓувреме воздушните напади на Израел врз палестинската автономна област но и ракетирањето на израелската територија од страна на милитантите на Хамас продолжува петти ден по ред.

Израелската воена авијација бомбардираше цели за кои се верува дека се упоришта на милитантите во Појасот Газа . Најмалку три деца загинале, а 14 Палестинци биле повредени во бомбардирањата во текот на ноќта.

Од почетокот на израелското бомбардирање на Газа загинале најмалку 50 лица, половина од нив цивили.

Од друга страна повеќе од 500 ракети испукани од Појасот Газа ја погодија израелската територија, убивајќи притоа три цивили. 

Три палестински ракети утринава паднаа во пристанишниот град Ашкелон, но нема повредени, соопшти израелската армија.

Јужен Израел  често е цел на ракетни напади од Појасот Газа. Првата ракета погоди четирикатна станбена зграда во градот Ашкелон. Втората ракета уништи неколку возила паркирани до зградата, а третата била пресретната над Ашкелон од системот за противракетна одбрана „Железна купола“.

Тел Авив повторно цел на палестинските ракети

Gaza Hamas Luftangriff Israel Ismail Haniyeh Premierminister Gebäude
Фотографија: Reuters

Најмалку три ракети биле испукани и кон финансиската метропола Тел Авив но сите проектили биле пресретнати  и уништени од противракетната одбрана „Железна купола“, наведува израелската армија

Според податоците на армијата, од почетокот на операцијата „Столб на одбраната“ во средата погодени се над илјада цели во Појасот Газа. Уништено е големо количество ракетни постројки, магацини со оружје, тренинг центри и пунктови на палестинското движење Хамас.

Израел, паралелно со воздушните напади распореди и пешадиски единици на границата со Појасот Газа, но се‘ уште нема наредба за евентуална инвазија.

Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека болниците во Газа се преполни со повредени од израелските бомбардирања, како и дека се соочуваат со недостиг на лекови и основни медицински материјали.

Здравствената агенција на ОН побара 10 милиони долари од донатори, за да се обезбедат лекарствата што недостигаат во следните три месеци.

СЗО, повикувајќи се на претставници на министерството за здравство на Газа, соопшти дека во конфликтот се повредени 382 лица, меѓу кои 245 возрасни и 137 деца.