1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел ги блокира приодите кон Либан

13 јули 2006

Израелската армија од утринава целосно ги блокираше приодите кон Либан, како дел од акцијата за спасување на двајцата војници киднапирани од страна на Хезболах. Според последните информации во нападите на израелската армија во Бејрут и околината загинале десетици либанци, меѓу кои има и деца.

https://p.dw.com/p/Ac51
Фотографија: AP

Израелската армија која целосно ги контролира приодите кон пристанишните градови Саида, Туре, Бејрут и Триполи соопшти дека во нападите елиминирала 30 припадници на Хезболах.

Израелски борбени авиони утринава извршија жестоки напади во јужниот дел на Бејрут кој важи за главно упориште на шиитската милитантна група Хезболах. Затворен е меѓународниот аеродром во градот чија писта е тешко оштетена како последица на бомбардирањето во обид да се спречи трансфер на оружје и намирници за милитантите.

Агенциите јавуваат за повеќе цивилни жртви во нападите, кои според израелската армија биле насочени кон објекти во кои биле лоцирани припадници на Хезболах. Погодено е и седиштето на телевизиската станица Ал Манар, како и една сала за молитви

Министерот за одбрана Хаим Рамон изјави дека Либанската влада ќе плати скапа цена заради киднапирањето на двајцата војници од страна на Хезболах и нападите во кои досега загинаа осум израелци. Амбасадорот на земјата во ОН Ден Гилерман изјави дека акцијата е објава на војна од страна на Либан чија влада е одговорна за настаните:

„Израел ќе реагира на секој можен начин за да ја обезбеди својата граница, безбедноста на своите граѓани и ослободување на затворениците„

Портпаролот на израелското министерство за надворешни работи Гидеон Меир предупреди дека акцијата на Хезболах е координирана од неколку страни:

„Сведоци сме на три терористички организации, Хамас, Исламски Џихад и Хезболах, кои всушност соработуваат со амин на Дамаск и Техеран. Она што го гледаме е хезболизација на појасот на Газа„

Состојбата експалираше по нападот на Хезболах во кој еден израелски војник загина а двајца беа киднапирани.