1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израелците и Палестинците почнуваат нови мировни преговори

Клементс Ференкоте12 декември 2007

Израелците и Палестинците имаат намера денеска во Ерусалим да ги продолжат мировните преговори што беа прекинати пред седум години. Клеменс Ференкоте испрати извештај за актуелната атмосфера спроти денешните разговори.

https://p.dw.com/p/CaVO
Ќе додржи ли договорот од Анаполис? Олмерт, Абас и Буш на меѓународната конференција во САД.Фотографија: AP
Палестинската делегации ќе дојде многу лута денеска на пладне во хотелот „Крал Давид„ во Ерусалим. Главна причина за тоа е фактот што Израелците само две недели по големата конференција во Анаполис, САД, ги кршат основните ветувања. Израелската влада имено донесе одлука за градење нови 307 станбени објекти во населбата Хар Хома, северно од Витлеем.

Бурни расправии

Таквата провокација предизвика бурни расправии во редовите на палестинската делегација, дали воопшто има смисла да се оди на преговори. Синоќа сепак превладеа мислењето дека треба да се најде на договорената прва рунда преговори, но со намера да се разговара само за проблемот со израелските населби и околу создавањето комитети за другите прашања околу конечното решение.

Членот на палестинската делегација Нимер Хамад нагласи: „Израелците се обврзани да ги прекинат сите активности во градењето натамошни населби на палестинските автономни подрачја, вклучувајќи ги и оние што тие ги нарекуваат природен демографски пораст. На место тоа, тие се решија на ваков чекор. Сметам дека сега се на ред САД и меѓународната заедница да го натераат Израел да престане и преку тоа да покажат дека имаат сериозни намери во врска со мировниот процес.„

Критика до Израел

Шефицата на американскиот Стејт департмент, Кондолиза Рајс, исто како и ЕУ и ОН ги критикуваат намерите на Израел да ја проширува населбата кај Витлеем. Рајс наредната недела ќе допатува повторно на Блискиот исток за да ја подготви посетата на Претседателот Буш, планирана за јануари.

Израелската влада го бранеше заклучокот за населбата Хар Хома со следните аргументи: „Израел строго ќе се придржува кон сите обврски од мировниот план, но ова овде е нешто друго, ова спаѓа во подрачјето на Ерусалим. Ерусалим е главен град на Израел и овде се применува израелското право„ – порача владиниот портпарол Марк Регев. Во 1980-та Израел прогласи анексија на Источен Ерусалим, што го освои во војната од 1967-та година и го прогласи целиот свет град за главен град на државата. Оваа одлука меѓународната заедница ја смета за спротивна на меѓународното право и не ја признава.