1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Излезот од либиската криза останува неизвесен

30 март 2011

На конференцијата во Лондон (29. 03) меѓународната заедница вети финансиска помош за преодната влада во Либија. Главна цел на Алијансата е рушењето на Гадафи, но земјите-членки не се согласни како таа да се спроведе.

https://p.dw.com/p/10kB0

Завршното соопштение содржи јасни цели, постигнување на слободна, демократска и обединета Либија, но воената, политичката и дипломатската реалност на кризата во Либија е сосема поинаква. Меѓународната алијанса, која вчера (29.03) се сретна во Лондон, не успеа да најде многу заеднички ставови.

На конференцијата беше договорено, во иднина меѓународна контакт-група да биде надлежна за меѓународните напори за демократска Либија по Гадафи. Но, на конференцијата различни беа ставовите околу прашањето кога и како да се принуди диктаторот да ја предаде власта. Франција сака да ги вооружи бунтовниците, а Велика Британија смета дека тоа е претерано. САД велат дека падот на Гадафи е стратешка цел, но ја исклучуваат можноста за испраќање трупи на копно. НАТО, кој сега и официјално ја има командата врз сите воени акции на вода и во воздух, строго ќе се придржува до надлежностите одредени од ОН. Германија нуди структурна помош за демократскиот нов почеток во Либија, но консеквентно стои настрана од сите воени акции.

Претпазливо со бунтовниците

Бунтовниците, кои меѓународната заедница допрва почнува да ги запознава, во меѓувреме сакаат да бидат сфатени сериозно и се претставуваат како беспрекорни демократи. Но, американските тајни служби предупредуваат - меѓу нив може да има и приврзаници на терористичката мрежа Ал Каеда и на шиитската милиции на Хезболах.

Отсуството на високите преставници од Арапската лига и Африканската унија на конференцијата во Лондон, меѓу другото покажува дека воената мисија и понатаму е спорна. Исто така проблематична е и состојбата на копно, каде постојано избиваат нови борби. Надежите дека под притисокот на воената коалиција Гадафи ќе се почувствува принуден брзо да се предаде, се чини беа преуранети.

Со својата воена мисија меѓународната заедница се доведе во ќорсокак. Од конференцијата во Лондон може да се заклучи дека излезот од либиската криза останува неизвесен и далечен.

Ова е уште еден пример дека е релативно едноставно да се започне војна. Меѓутоа, да се стави крај на истата е сосема друга, далеку потешка задача.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски