1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Издишка по изборите во Грција

Сабине Кинкарц / Александар Методијев18 јуни 2012

Изборниот резултат во Грција меѓународно е прифатен со олеснување. Канцеларката Ангела Меркел, поради несигурната состојба во изборната ноќ, го помести летот кон Мексико на самитот на Г20.

https://p.dw.com/p/15H3W
Фотографија: picture-alliance/dpa

Летна ноќ на исчекување, многу туристи и толпа гласни фудбалски навивачи. На прв поглед, парламентарните избори во Грција вчеравечер во берлинскиот владин кварт не играа никаква улога. Зад кулисите, тоа изгледа сосема поинаку. Таму со поголема возбуда се следеа изборите во Грција, отколку Европското фудбалско првенство. Поради тоа, канцеларката Ангела Меркел го помести летот кон Мексико за неколку часа.

Откако изборниот резултат стана познат, канцеларката Меркел му честиташе на шефот на конзервативната партија Неа Демократија Антонис Самарас. Неговата партија беше најсилна, пред радикалниот левичарски сојуз СИРИЗА и социјалистичкиот ПАСОК. Во телефонски разговор со Самарас, Меркел ги изрази очекувањата дека Грција ќе се држи до европските обврски.

Kanzleramt bei Nacht
Зградата на германската влада во која со нетрпение се очекуваше исходот од грчките избориФотографија: picture-alliance/dpa

Реформите треба да продолжат

Не е за изненадување дека одлуката падна со толку тесна разлика, рече германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во емисија на АРД по крајот на парламентарните избори. Тоа беше од претходно познато.

„Суштински е Грција да го продолжи реформскиот курс. Сакаме Грција да остане во еврозоната, но исто така сакаме Грција да сака да припаѓа во Европа. Но, Грција самата си го одбра својот пат и не може да биде запрен никој, кој сака да оди по него“, рече Вестервеле.

Не може да се поставува под знак прашалник или, пак, да се поништи, она што е заемно договорено.

„Суштинска промена на договорите не може да се направи“, рече Вестервеле. Слично во саботата се изрази и германската канцеларка Меркел. На конгресот во Дармштат, на огранокот на ЦДУ во Хесен, партиската шефица рече дека не може да се остави некои ЕУ земји да бидат влечени за нос од некои други.

Временска рамка за преговори?

Може да се претпостави дека новата влада во Атина уште еднаш ќе зборува за временската рамка, рече Вестервеле. Во текот на изминатите недели во Грција доминираше политичкиот застој. Дури реформите и да се развлечат временски, практично нема заобиколен пат околу нив.

„Ако им кажеме на Грците, без оглед на тоа што се‘ се договориле, дека тоа веќе не се исплаќа, тогаш ќе добиеме проблем со сите останати европски земји, кои вредно и упорно ја спроведуваат својата реформска политика“, рече Вестервеле.

Parlamentswahl Griechenland Antonis Samaras
Антонис Самарас го доби мандатот за составување владаФотографија: AP

За преиспитување на временската рамка пред изборите гласно размислуваше и партискиот лидер на опозиционата СПД, Зигмар Габриел.

„Мораме да се надеваме дека доаѓа стабилна влада, која ќе каже – сакаме да зборуваме за временска рамка, но не да се поставува под знак прашалник и суштината на договорите“, рече Габриел.

Заменик шефот на пратеничката група ЦДУ-ЦСУ Михаел Мајстер праша: „Ако Грците мислат дека можат да продолжат (без договорите н.з.), тогаш сум многу љубопитен како тие сакаат да останат во еврозоната“.

Да се каже „благодарам“

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц во секој случај се надева дека Грција ќе продолжи со мерките за штедење. Владата што не ги применува договорите треба да има предвид дека презема ризик останатите земји да запрат со нивните исплати. Околу 130 милијарди евра помош не и’ се дадени на Грција за земјата да се измачува, туку за да и’ се помогне, рече политичарот од СПД.

Изборот на политиката во Грција се следи со голем интерес, бидејќи со тоа ќе се определи иднината на еврото. Министерот за надворешни работи Вестервеле потсети дека Германија на Грција и’ има дадено 40 милијарди евра од своите даночни обврзници и поради тоа може еднаш да се каже – благодарам.