1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изгубени во џунглата од податоци

28 март 2010

Десет години откако е воведен Болоњскиот процес, ЕУ - Комисијата сака да создаде ранг-листа за европските универзитети. Со тоа би се добила поголема прегледност и би се помогнала мобилноста на студентите.

https://p.dw.com/p/MbqJ
БиблиотекаФотографија: dpa

Во Германија има повеќе од 300 универзитети, а во Европа околу 4. 000, кои нудат преку 100. 000 студиски насоки. Вака изгледа европскиот високообразовен систем изразен со бројки. Оние кои сакаат да бидат дел од него мора да имаат конкретни информации, кои на бруцошите ќе им помогнат во барањето предмети. Но, засега недостасуваат информации, вели Геро Федеркајл од Центарот за развој на универзитетите ЦХЕ во Гитерсло: „Има многу малку податоци за високо-образованите институции во Европа. Досегашните евалуации исто така на студентите им нудат мала поддршка.“

Споредбите на универзитетите на интернационално ниво досега беа содржани во Times Higher Education Ranking и во Shanghai-Ranking. Но, во двете ранг-листи воопшто не се појавуваат голем дел од европските универзитети. По правило, меѓу првите се наоѓаат универзитетите од САД, а од европските универзитети виден успех постигнуваат Кембриџ, Оксфорд, Лондонската школа за економија (ЛСЕ) или техничкиот универзитет ЕТХ Цирих. Геро Федеркајл вели: „Како прво тоа се глобални рангирања. Поради тоа во двете ранг-листи има релативно малку европски универзитети, така што студентите и европските корисници имаат ограничен преглед на европскиот високообразовен сектор. Како второ, мора да напоменеме дека двете ранг-листи во прва линија се насочени кон истражувањата и со тоа нудат ограничени информации за студентите кои се интересираат за понудата на студиски насоки, за студиите и за наставата.“

Universität Oxford
Универзитетот ОксфордФотографија: AP

Ранг листа од европска перспектива

Така на пример во Schanghai-Rankink се води статистика колку апсолвенти од одделните универзитети добиле Нобелова награда од 1901 година до денес. Наспроти тоа, потенцијалните студенти повеќе се интересираат за опременоста на библиотеките, наставната атмосфера и односот на наставниот кадар, но се‘ уште нема такви статистики. Комисијата од ЕУ сака да го измени ова и затоа побара од ЦХЕ, заедно со повеќе други партнери, да направи меѓународно рангирање на универзитетите. Геро Федеркајл и неговите колеги работат на неговата реализација веќе неколку месеци. „Како што сакаше комисијата, рангирањето ќе се врши и надвор од Европа. Ќе се прави глобална споредба на универзитетите, исто и од аспектот каква е состојбата во Европа во споредба со остатокот од светот. Но, тоа секако ќе биде многу подобро конципирано од европска перспектива и ќе се земе предвид целната група на мобилни студенти.“

Ecole des Hautes Etudes Commerciales HEC in Paris
Бизнис школата во ПаризФотографија: HEC

Планот на ЕУ - Комисијата доби голема поддршка од политичарите за образование. Јан-Хендрик Олберц, надлежниот министер во Саксонија-Анхалт, смета дека рангирањето е значајна и итно неопходна помош за студентите. „Значи сега навистина мораме уште многу да работиме на евалуацијата, за да може високите очекувања од европскиот високообразовен систем да се спроведат и во днавната пракса.“

Олберц се надева дека со ранг-листата значително ќе се подобрат предавањата и институтите на универзитетите. Според него, транспарентноста најпосле не им помага само на студентите при изборот на вистинскиот универзитет туку ја зголемува и конкуренцијата. „Се надевам дека пред се‘ ќе ја водиме дебата за квалитетот, што првенствено ќе се однесува на квалитетот на настава. Младите луѓе ќе имаат успех во студиите само ако имаат добра и ефективна настава, надгледување и усмерување, советување, и ако имаат демонстратори кои пред се‘ ќе им олеснат да се снајдат на почетокот. Би сакал малку да се оддалечиме од структурните дебати, и да започнеме разговори за квалитетот на модерното високо образование.“

Musikakakademie in Lettland
Музичката академија во РигаФотографија: Birgit Johannsmeier

Мора да се имаат предвид културните особености

Но, дали ќе биде можно да се споредат институтите на универзитетите во Грција, Полска, Данска или Албанија? Експертот за рангирање Геро Федеркајл смета дека тоа не е едноставно. Мора да се земат предвид културните и јазични особености на одделните земји, а тоа е најголемиот предизвик. „На пример, ние не знаеме како студентите во Кина ги оценуваат нивните универзитети. Дали во таа култура се даваат критики за нивните универзитети, или пак треба да се очекуваат позитивни оценки за сопствениот факултет? Секако дека ќе мора да го тестираме тоа, што е еден од највозбудливите прашања во нашиот проект.“

Сепак, и покрај сите потешкотии, за две години треба за првпат да бидат готови резултатите од рангирањето на универзитетите во ЕУ.

Автор: Армин Химелрат/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска