1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изградбата на двата нови автопата започнува наредната година

СН/ам/миа/макфакс12 ноември 2013

Македонската влада денеска со кинеската компанија „Sinohydro Corporation Limited“ ги потпиша договорите за изградба на автопатските делници од Миладиновци до Штип и од Кичево до Охрид.

https://p.dw.com/p/1AG5i
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изградбата на патните делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид се очекува да започне во првиот квартал од наредната година, а вкупната вредност на оваа инвестиција ќе изнесува 580 милиони евра.

Договорите за изградба нa двете делници денеска ги потпишаа министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вицепремиерот Владимир Пешевски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и овластениот претставник на Кинеската компанија-изведувач „Синохидро корпорејшн лимитед“ (Sinohydro Corporation Limited) Ју Шинчун.

Согласно договорите, предвидено е изградба на автопатот Миладиновци-Штип во должина од 53 километри и ширина од 29 метри, со по две коловозни ленти во двата правци и една дополнителна лента за застанување. Автопатот од Кичево до Охрид е во должина од 56.7 километри со широчина од 25.5 метри, со две автопатски ленти, дополнителна линија за запирање и зелен појас.

Вкупната вредност на инвестицијата, согласно договорите, изнесува 580 милиони евра со можност од максимум 10 отсто за дополнителни работи. Финансирањето во вредност од 90 отсто е преку кредит од ЕХИМ банката и 10 отсто од Јавното претпријатие за државни патишта.

Согласно договорот, изведувачот е должен да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51 процент македонски државјани. Со изградбата на двете нови автопатски делници се очекува интензивирање на економскиот развој во сите региони од државата, развој на туризмот и намалување на времето за патување и зголемување на безбедноста во сообраќајот.