1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извршителот на масакрот во Блексбург е идентификуван

К. Бергман / З. Јордановски18 април 2007

Остануваат прекорите на постапките на полицијата. На големата комеморација присуствуваше и претседателот Џорџ Буш

https://p.dw.com/p/Abxh
Чо Сеунг Хуи, извршител на масакрот

23-годишниот Чо Сеунг-Хуи од Јужна Кореја, студент по англиски јазик на Универзитетот на Вирџинија во Блексбург, САД,, е извршител на невидениот масакр, соопшти претставникот на полицијата Вендел Флинчам. На местото на злосторството се пронајдени две оружја, а балистичарите утврдија дека со едното од нив се убиени и првите две жртви во Студентскиот дом, два часа пред крвопролевањето во универзитетските предавални. Но, полицијата и натаму не сака сосем да исклучи дали немало и втор сторител.

Во предавалните полицијата наиде на ужасна слика, опишува шефот Стив Флаерти: “Жртви беа пронајдени во најмалку 4 предавални и во еден ходник. Во минутите во кои се одигрувала трагедијата имали неколку многу херојски дела. Сторителот беше пронајден меѓу некои од жртвите во една од училниците”.

Студентот Дерик О’Дел, кој е ранет во раката, вели дека сторителот постапувал многу ладнокрвно: “Им приоѓаше на луѓето и им пукаше в глава од најнепосредна близина. Беше страшно и не сакам да мислам на тие слики”.

Мотивите на Чо Сеунг-Хуи се’ уште не се познати. Но, тој уште претходно паѓал во очи со ненормални рамислувања, пишувал кошмарни семинарски работи полни со насилство, па една професорка побарала од универзитетското раководство да биде упатен на психијатриски преглед. Наводно, бил полн со омраза спрема богатите колеги.

Полицијата ги отфрла прекорите дека погрешно реагирала по првите две убиства. Се сметало дека станува збор за убиство и самоубиство, па немало потреба да се блокира целиот универзитетски комплекс. Но, остануваат отворени повеќе прашања, меѓу другото и поради контрадикторни наводи од полицијата.

Неделава нема предавања на Универзитетот. На синоќешната комеморација учествуваа 30 илјади луѓе, присутен беше и американскиот претседател Џорџ Буш со сопругата. “Ова е ден на тага за целата наша нација. Дојдовме да ги искажеме нашите симпатии. Се надевам дека знаете оти во ова време на мака, луѓето во целата земја мислат на вас” – рече Буш на комеморацијата. Знамето на Белата куќа во Вашингтон е на половина копје.

Во Америка повторно почнува дискусија околу уставно утврденото право на граѓаните да носат оружје и лабавите закони што го регулираат тоа. Претседателот Буш веднаш по масакрот побрза да соопшти дека опстојува врз правото на носење оружје. Во Вирџинија е уште полесно да се купи оружје, отколку во многу други сојузни држави, оти не е потребна лиценца, ниту има преоден рок пред да може да се набави оружјето.