1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извлекувањето на бродот „Илинден“ од Охридското езеро е најверојатно одложено

7 септември 2009

Мешовитата комисија од Македонија, Бугарија и Хрватска изврши увид на местото на бродската трагедијата. Неповолните временски услови се една од причините за одложувањето на извлекувањето на потонатиот брод „Илинден“.

https://p.dw.com/p/JTpE
ОхридФотографија: MIA

Неполни два дена по големата бродска несреќа во која 15 бугарски државјани ги загубија животите, Охрид се’уште е во шок. Државните и градските знамиња се спуштени на половина копје, а кејот е невообичаено тивок. Кафулињата се полупразни, а главна тема во разговорите се’уште се причините за потонувањето на бродот „Илинден “.

Ohrid See in Mazedonien
Охридско езероФотографија: Petar Stojanovski

Вчера ниту еден брод, ниту кајче не отплови од пристаништето. Бродарите сочуствуваат со несреќата што ги засегна нивните колеги. Ако не беше нивната присебност и несебичност, без сомнение бројот на жртвите во досега незабележаната бродска несреќа на Охридското езеро сигурно ќе беше поголем. Петар Василев пред три години бил капетан на потонатиот „Илинден“: „По пет-шест лица беа фатени за појасите. Тоа беше пиштење, викање. Тоа беше паника. Нашето присуство и на посадата помогна. И од патниците имаше кои помагаа. Тие даваа вештачко дишење.“

Официјална потврда за пренатовареност на бродот

Вчера попладне Стефан Димоски, портпарол на СВР- Охрид потврди дека на бродот имало повеќе лица од дозволеното: „Во моментот на превезување биле присутни 13 патници повеќе од дозволеното. Според сертификатот што овој брод го има добиено од германската фирма ’Лојд’ истиот бил регистриран за 43 лица, а на него во мигот на трагичниот настан биле 56 лица.“

Експертскиот тим започна со работа

Мешовитата македонско-бугарско-хрватска експертска комисија, вчера доцна попладнето во Охрид ја имаше првичната средба. Експертите беа на местото на несреќата и го видоа бродот, но поради разбрануваното езеро, одлучија вадењето на потонатиот брод да започне во текот на денов.

Но, според последните информации постои можност повторно да биде одложено вадењето на бродот. Како што соопшти поранешниот капетан на Охридската капетанија и член на мешовитата комисија што ќе ги утврдува причините за несреќата Злате Клечкароски, одлука на комисијата била да се повтори подводното снимање на „Илинден“, поради тоа што веќе направените снимки на бродот биле снимени премногу одблиску, односно не соодветствувале на барањата на истрагата. Временските услови во Охрид се слични на вчерашните, кои беа посочени од експертите како неповолни за таква акција односно за зафат за извлекување на „Илинден“ на брегот.

Поранешен капетан на Капетанијата во Охрид, Клечкароски претходоно изјави: „Ако има бранови се спречува работата. Така ќе мораме да одлагаме се додека не се поправат условите за работа. И денеска во 17 часот имавме планирано, ама времето не дозволува. Имаме точни индиции за настанот. Да причекаме што ќе покаже истрагата.“

Бугарија инсистира истрагата да заврши што побрзо, како и вадењето на бродот. Од Софија најавуваат и посебна истрага на околностите кои доведоа до несреќата. Бугарскиот експерт Георги Делов, кусо рече: „Ќе ви кажеме се’ кога ќе го извадеме бродот од езерото. Можам да кажам дека македонската и хрватската страна ни даваат полна поддршка во тоа. Сите материјали и документи ни се на дофат.“

Како ќе влијае несреќата врз туризмот?

Претседателот на Хотелската асоцијација ХОТАМ Дончо Таневски вели дека несреќата негативно ќе влијае врз туризмот во Охрид. Но, тој укажува и на фактот дека Бугарите при доаѓањето во Охрид не ги испочитувале законските норми:„Патувањето во Бугарија не е организрано од туристичка агенција, која има лиценца. Турата ја организирал самиот авто превозник. Исто така од Македонија не бил вклучен партнер или туристичка агенција која би ја презела одговорноста со влезот во Македонија и да им ги органзира сите нивни активности.“

Mazedonien Schiffsunglück
Потонатиот брод „Илинден“Фотографија: MIA

Градоначалникот на Охрид упати сочуство до семејствата на жртвите во бродската несреќа и со жалење констатира дека до оваа и претходните несреќи што се случија летово во водите на езерото немало да дојде ако локалната наместо централната власт го контролирала езерскиот сообраќај: „Општината Охрид треба да има брз чамец. Пловило кое ќе може да реагира и при пожар и на вакви трагедии. Исто така градов треба да има свој хеликоптер. Ако сакаме Охрид да биде современ град како што е Дубровник, Сплит, во нашето опкружување мора овие работи да ги има. Ние мора да стопанисуваме со земјиштето, со езерото за да го креираме нашиот развој во иднина. Ова го нема никаде.“

Денеска ќе заседава Советот на општината при што ќе одлучи делегација од Охрид да присуствува на погребот на погинатите, во Бугарија.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема