1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборниот автогол на Мит Ромни

Рахел Гесат/ Жана Ацеска20 септември 2012

Републиканскиот кандидат Мит Ромни на седум недели пред претседателските избори на 6. ноември, ги торпедира своите шанси за успех преку своите несмасни изјави.

https://p.dw.com/p/16BoL
Фотографија: picture alliance/ZUMAPRESS.com

Анкетите одамна прогнозираа неизвесна трка меѓу американскиот претседател Барак Обама и неговиот републикански предизвикувач, Мит Ромни. Но, ненадејно на виделина излезе видеоснимка на говор на Ромни одржан пред богати донатори во Флорида, на средината на мај. Таму Ромни зборува за „оние 47 проценти од луѓето“ кои на изборите во ноември ќе гласаат за Обама. Тие себе си се гледаат како „жртви“, живеат од социјална поддршка и не плаќаат данок на приходи. Всушност, на Ромни му се нудат бројни прилики за напад на политиката на Обама и свое претставување како подобра алтернатива. Зашто, во четирите изминати години Обама не ги исполни сите надежи кои ги поттикна. Невработеноста за американски услови е навистина висока - околу осум проценти. Но, Ромни постојано ја пропушта својата шанса, кај јавноста не собира симпатии кога јавно кокетира со своето богатство и покажува малку разбирање и сочувство со социјално слабите.

„Не е моја работа да се грижам за овие луѓе“, вели тој буквално во снимката од видеото во својот говоор во Флорида:

„Никогаш нема да ги убедам да преземат лична одговорност и да се грижат сами за својот живот“.

Политички штети

Со вакви навреди на гласачите Ромни си наштетува самиот себеси, смета Христијан Ламерт, доцент на Институтот Џон Кенеди на Слободниот универзитет во Берлин во разговорот за Дојче веле:

„Тоа се знаци дека тој воопшто не доаѓа во контакт со обичните Американци. Еден претседателски кандидат мора тоа да го прави во изборната кампања, да се обраќа до целокупното општетсво“.

Dr. Christian Lammert Dozent am John F. Kennedy-Institut der Freien Universität Berlin
Д-р Христијан ЛамертФотографија: Christian Lammert

Неговите изјави сепак во САД не предизвикуваат толкава одбивност колку во Германија, вели Ламерт:

„Генерално, оние кои во САД примаат социјална помош, често се стигматизирани, на нив се гледа како на мрзливи и неактивни“.

Вакви реченици на Ромни можеби наидуваат на одобрување кај богатите граѓани на Флорида, вели експертот за САД, Ламерт. Но, веројатно Ромни има погрешна калкулација.

The LeaderShip Gwendolin Jungblut
Гвендолин ЈунгблутФотографија: The LeaderShip

„Во контекст на економската криза, загрозена е егзистенцијата и на многумина од средната класа. А Ромни ги става сите во еден кош, што ќе му нанесе политички штети“.

„Непопустлив тип“ или помирлива татковска фигура?

Гвендолин Јунгблут, политички експерт од една агенција од Висбаден, со предвидувањата оди дури и подалеку:

Mitt Romney
Помирувач? Татковска фигура? Ромни се чини тешко се вклопува во таква улогаФотографија: Reuters

„Актуелниот гаф е последен чекор во јавната дисквалификација“, вели таа во интервју за Дојче веле. Ромни во текот на минатите месеци направи различни несмасни потези, кои будат сомнеж во неговите компетенции и неговата веродостојност. Нему не му останува ништо друго освен да остане верен на својот имиџ на „цврст тип“. Имиџ, кој во САД од една страна има добар прием. Од друга страна, народот од својот претседател очекува повеќе помирливост, а не предизвикување поделби, смета Христијан Ламерт:

„Она што моментно на Ромни не му успева, е да се претстави како татковска фигура, човек кому луѓето ќе му доверат да ги реши проблемите на САД“.

Во САД личниот впечаток од кандидатите игра значително поголема улога отколку во Германија, објаснува Гвендолин Јунгблут:

„Овде ние не работиме толку со овие слики на иднината и силниот емоционален говор, туку повеќе со факти, со тематска ориентираност. Исто така, постои чувство дека и јавното мислење го очекува тоа од еден политичар“.