1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори пред очите на светот

Инес Пол
13 јуни 2017

Германија одлучува, а светот гледа во нејзина насока. Главната уредничка на ДВ, Инес Пол, објаснува зошто овие избори се посебни и како ДВ ќе ги следи.

https://p.dw.com/p/2ecH6
Deutschland Reichstag
Фотографија: picture-alliance/R. Goldmann

Светот во овие недели и месеци гледа толку интензивно кон Германија како што одамна не гледал. Многумина тоа го прават со восхит и почитување. Но, сигурно не сите. Додека едни, речиси со завист, се прашуваат како Германија успева и покрај сите предизвици и проблеми да постигне таква темелна стабилност, други се плашат од некаква нова надмоќ на оваа земја во срцето на Европа.

Некои во Германија и нејзината канцеларка Ангела Меркел гледаат последен бастион кој би требало да ја зачува ЕУ од распад, други обвинуваат дека Германија сака со сета сила на континентот да му ги наметне своите правила. И тоа не за доброто на Европа, туку единствено за сопствена предност - сѐ во името на тоа да се остане извозен шампион и трајно економско чудо.

Акт на човечност или пропаст на Оксидентот?

Зависно од тоа каде патувам низ светот, среќавам луѓе кои ја фалат подготвеноста на Германија да прими повеќе од еден милион бегалци како акт на човечност. Или пак, среќавам бесни луѓе кои нѐ обвинуваат дека сме ги привлекле бегалците и со тоа сме станале одговорни за пропаста на христијанскиот Оксидент.

Ines Pohl
Инес Пол, главна уредничка на ДВФотографија: DW/P. Böll

Дотолку поважни за нас, како Дојче веле, се изборите и кампањата која претстои. На 24 септември Германија избира нов парламент и со тоа одлучува кој ќе владее во оваа земја. Како медиум за странство сакаме да го искористиме новото внимание за да објасниме што се случува во нашата земја. Што им е двигател на Германците, кои, сѐ на сѐ, се задоволни со курсот на актуелната сојузна влада? Што ги придвижува оние кои се плашат од иднината, од тоа дека ќе останат на слеп колосек или од тоа дека ќе раснат деца во една земја која, според нив, веќе нема ништо заедничко со нивната претстава за нацијата? Дали Германија е навистина подготвена да се дефинира како доселеничка земја? Или, дали изборните успеси на десните популисти се доказ дека политиката диктира курс со кој не се согласуваат многу граѓани?

Ќе објасниме и на што се должи економскиот успех, како функционира германскиот образовен систем и што во сето тоа е исклучително. Ќе ги претставиме нашите врвни политичари и, се разбира, ќе го објасниме феноменот Ангела Меркел, која се кандидира по четврти пат и е една од најпознатите личности во светот.

И, ќе информираме за тоа што во делот на надворешната политика треба да се очекува од кого и колку се важни сојузничките обврски, НАТО, какво е значењето на развојната политика, или дали зголемувањето на издатоците за вооружување на некои кандидати е поважно, како и - како Германија ја гледа својата улога во рамките на ЕУ.

Дискутирајте со нас: Што е Германија?

Меѓутоа, во текот на нашите патувања и истражувања сакаме пред сѐ да останеме во близок контакт и размена на мислења со вас, нашите читатели, гледачи и слушатели. Нашите дописници под хаштагот #askDW ќе прашуваат и ќе им дадат збор на луѓето во нивниот делокруг. Ве молиме директно да се вмешате. Ние ве прашуваме што сакате да знаете, што треба да објасниме и ве молиме за ваше мислење и проценка. Како Дојче веле сакаме во наредните месеци да бидеме платформа на која светот на 30 јазици ќе дискутира - што е Германија и каква улога земјата треба да игра во иднина во делот на безбедносната политика, во рамките на НАТО, во рамките на Европската Унија. Што очекувате од идната влада? Што ве плаши, каде ги гледате типичните германски силни и слаби страни?

Нашите прилози ќе ги најдете под хаштагот #GermanyDecides на Твитер, како и на Фејсбук, на ТВ и, се разбира, на наште веб-страници.

Им се радуваме на прилозите кои ќе поттикнат содржинска дискусија. И, со поддршката од страна на нашата дописничка мрежа ширум светот и нашите редакции во Берлин и Бон, ќе објасниме - што се случува во Германија и за што ќе се гласа овде на 24 септември.