1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избирачите се заморени од негативните кампањи

Горан Петрески20 јуни 2012

Кои се мотивите двете најголеми политички партии во Македонија секојдневно да отвораат стари теми на прес-конференциите? Секојдневните прес-конференции и „плукањето“ немаат ефект кај избирачите, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/15IB0
Фотографија: Fotolia

Македонската јавност подолг период е изложена на негативна кампања што ја водат политичките партии во Македонија. Граѓаните велат дека се уморни од партиските портпароли кои секојдневно ги бомбардираат со прес-конференции на кои политичарите се плукаат меѓусебе, најчесто со бајати теми.

„Во последно време тоа ме заморува, не сум заинтересирана и секогаш го менувам каналот кога има таква содржина на телевизија“, вели една млада скопјанка која не крие дека вестите ги заменила со квизови и телевизиски серии.

Граѓаните и новинарите се сити од таквите теми

Се вадат документи од пред 7 години, се отвораат прашања стари со децении - каков бил ставот на премиерот за името кога бил опозиционер, кој бил одговорен за лошата приватизација на одредена фирма, кој го разграбувал општествениот капитал... Од ваквите теми особено заситени се новинарите, кои се принудени секојдневно да се занимаваат со информации за кои велат дека не се воопшто занимливи. Никола работи во еден дневен весник. Признава дека честопати се убедува со уредникот дека многу прес-конференции не заслужуваат место на страниците во нивниот весник.

Symbolbild Ankündigung Ausruf Megafon
Граѓаните се заморени од партиските мегафониФотографија: Fotolia/Jean Kobben

„Таквите теми заслужуваат место само ако ви недостига нешто да пополните дупка на страницата затоа што во нив нема ништо ново, што граѓаните веќе не го чуле или виделе. Ако навистина сакаат нешто да расчистат, има судови, обвинители, полиција - нека расчистат. Вака само ја малтретираат јавноста“.

ВМРО ДПМНЕ: Да се знае кои политичари се нудат како алтернатива

Партиските штабови имаат спротивно мислење. Шефот на Центарот за комуникации на владејачката ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, вели:

VMRO DPMNE Gebäude in Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

„Она што е суштинско е граѓаните секогаш да ја имаат точната информација кои се политичарите и какви политики би спровеле доколку имаат можност да управуваат со што било во Македонија. За жал ние сме соочени со стари кадри од другата страна, во СДСМ има ретрограден процес. Се промовираат лица кои во 90-тите години биле актуелни како политичари. ВМРО ДПМНЕ има обврска да им укаже на граѓаните кои се политичарите кои се нудат како алтернатива.“

СДСМ: Најмалку сакаме да зборуваме за минатото

Портпаролот на СДСМ Емилијан Станковиќ објаснува зошто неговата партија се занимава со неактуелни прашања.

„СДСМ најмалку сака да зборува за минатото. Во изминатиот период предложивме десетици амандмани, стратегии, иницијативи, коишто, за жал, ВМРО ДМПНЕ без разлика дали се работи за економско социјални мерки или иницијатива за слободни медиуми и слобода на говор, не само што не сака да дебатира и не ги гласа законите, туку како временска машина се обидува да зборува само за минатото. Во такви услови на спуштање на нивото на политичка комуникација СДСМ е принуден со прес-конференции да се обиде да ги разобличи лагите што ги пласира владејачката партија.“

SDSM Gebäude in Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Негативната пинг понг кампања е битка за простор

Дали вадењето на стари теми влијае позитивно или пак предизвикува контраефект во ставот на гласачите, ги праша Дојче Веле експертите по комуникологија. Тие сметаат дека на македонската политичка сцена има недостиг од свежи производи што е причина на гласачите да им се нудат бајати теми. Климе Бабунски од Институтот за политичко-правни и социолошки истражувања вели:

„Очигледно во недостиг на нови производи се посега по, условно речено, политичка зимница. За ефектите може да се дискутира врз некои туѓи искуства“, вели Бабунски.

Symbolbild - Gruppe mit Anführer
Партиските штабови се цело време под притисок, оценува АрсовскиФотографија: picture-alliance/dpa

Негативната кампања е позната алатка во политичкиот маркетинг, но отворањето на застарени теми нема големи ефекти врз гласачите, вели комуникологот Петар Арсовски.

„Сумарните ефекти на негативните пинг понг кампањи се еднакви на нула. Но истовремено, партиските штабови се цело време под притисок дека не смеат да ја остават јавната сцена на која другата партија би доминирала“.

Жестоката кампања која веќе ја водат двата спротивставени политички блока во оваа година, кога не е предвидено изборно соочување, може да се смета за најава дека в година пресметката ќе биде уште посурова. Реториката ќе се вжештува, нема да се бираат средства како да се оцрни политичкиот противник, а да се подобри сопствениот рејтинг.