1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идното членство во НАТО атрактивно, но без ексклузивитет

Силвера Падори6 март 2008

Есперти од одбраната дискутираа за границите на НАТО пред Самитот во Букурешт. Неизвесно е дали трите земји од Јадранската група ќе добијат покана за членство. Извесно е: по Букурешт, проширувањето ќе мирува!

https://p.dw.com/p/DJBG
Логото на НАТОФотографија: NATO

НАТО не е она што некогаш бил. Има други предизвици.Има задачи и приоритети кои се однесуваат на глобалниот свет и проблеми.Од времето на студената војна до денес и членството е удвоено. Девет години кон Алијансата тежнеат и земјите од Јадранската група: Македонија, Хрватска Албанија. Четири недели пред самитот во Букурешт кога на дневен ред е новото проширување, експертите се обидоа да одговорат до каде се границите на Алијансата? Ќе бидат ли примени балканските држави?

Една или трите држави во НАТО?

„Не се осмелувам да кажам дали трите, една или две земји ќе бидат поканети во Букурешт. По ова прашање ќе одлучат министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на вонредниот состанок во Брисел. Моите лични очекувања се: сите три кандидатидати ќе добијат покана од Алијансата во Букурешт“, гласи оптимистичката прогноза на Мартин Ердман, германски амбасадор во штабот на НАТО во Брисел.

„Во моментов прашањето е: покана за една или трите кандидати. Само две не е реално. Значи или трите или само Хрватска. Во моментов расположението е за трите.Но, суштинско прашање е дали Македонија (ФИРОМ) и Грција ќе се усогласат околу проблемот со името. Ако ова успее, лично очекувам покана за трите земји”, гласи ставот и на Карл Хајнц Камп, директор на Секторот за истражувања на НАТО колеџот за одбрана во Рим.

Грчкото вето е погрешно

Доколку не се реши проблемот со името, Грција најави вето. Екард фон Кладен, надворешно политички гласноговорник на фракцијата на ЦДУ-ЦСУ околу ова е категоричен: „Мора на Грците да се обидеме јасно да им кажеме дека едно вакво вето го сметаме за погрешно и дека не е ниту во грчки интерес. Мислам дека оваа грчка позиција е неприфатлива. Сметам дека членството на Македонија во НАТО во Букурешт не смее да пропадне поради проблемот со името.“

„Со поглед на идниот круг на проширување, по Букурешт кога ќе има 29 членки, моите тези се: членството во НАТО и во иднина ќе биде атрактивно, но со време ќе изгуби на ексклузивитет”, смета Ердман кој даде и временска сатница на натамошното проширување на Алијансата.

По Букурешт - пауза

„По приемот на трите балкански земји во наредниве години нема да има нов круг на проширување. Моја претпоставка е дека ќе се мирува до средината на наредната декада. Членството “а ла кард” ќе се диференцира. Ќе има можеби повеќе земји коим ќе бидат заинтересирани за потесно партнерство без да имаат статус на полноправни членки.”

Идната соработка и структура на НАТО Ердман ја гледа во неколку "пакети". Во првиот се полноправните членки. Вториот ќе го чинат далечните пријатели: Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд. Следува групата земји кои веќе учествуваат во НАТО операциите како Јордан и Сунгапур. Потоа се земјите од Јужното Средоземје, Северна Африка, Африканската Унија и последниот пакет се европските традиционално неутрални држави меѓу кои е Австрија. Значајна за НАТО останува Русија, со која ќе се гради посебно партнерство. Полноправното членство меѓутоа не би била опција, зашто Русија сигурно не би прифатила да биде трета, а можеби и четврта виолина. Што се однесува до Украина и Грузија експертите потестија дека НАТО е интеграција на заедничките западни вредности и демократијата, од кои во моментов и двете држави се далеку!