1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Техника

Цебит: Сѐ е вмрежено

Андреас Бекер
20 март 2017

Самоуправувачки возила, роботи на хотелска рецепција, дронови за доставување пошта... На саемот во Хановер светските компании ја излагаат иднината. Кои се трендовите на годинешниот Цебит?

https://p.dw.com/p/2ZXUc
Deutschland CeBit Rundgang Merkel mit Abe
Фотографија: Reuters/F. Bimmer

Германската канцеларка Ангела Меркел вчеравечер го отвори Цебит, најголемиот германски саем на дигитална технологија, кој традиционално се одржува во Хановер. „Задача на државата е навистина да ја промовира дигитализација", рече таа на церемонијата на отворањето, говорејќи веднаш по јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Јапонија е земја-партнер на Цебит годинава. Германската ИТ-индустрија може многу да научи од Јапонија, сметаат во германската  трговска асоцијација Битком. Повеќе од една четвртина од светските топ 100 технолошки фирми доаѓаат од Јапонија, а речиси ниту една од нив нема седиште во Германија.

Во текот на наредните пет дена, повеќе од 3.000 излагачи од 70 различни земји ќе ги покажат своите најнови технологии. И додека саемските сали официјално се отворени за јавноста од денеска, медиумите веќе претходно можеа да стекнат увид во годинешните трендови на Цебит.

Сѐ е поврзано

Иднината е тука - тоа е впечатокот кој може да се добие по разгледувањето на штандовите на годинешниот саем во Хановер. Беспилотни летала, очила за виртуелна реалност, хуманоидни роботи - сите работи кои некогаш беа далечна научна фантастика и фантазија, сега се тука, на Цебит. Но, беа и минатата година. И во годината пред неа. Значи што е навистина ново на Цебит оваа година?

Deutschland Cebit in Hannover - Augmented Reality
Фотографија: DW/A. Becker

Како прво, се чини дека сите технологии стануваат сѐ повеќе меѓусебно поврзани. „Интернетот на нештата“ почнува да ја зазема јавната сфера. Дојче Телеком, на пример, објави дека ќе започне со проект за паметен паркинг во градот Хамбург подоцна годинава. Сите јавни места за паркирање ќе бидат опремени со сензор кој препознава дали просторот е на располагање. Возачите можат да ја проверат оваа информација во реално време на нивниот телефон - и, на тој начин, би требало да најдат простор за паркирање многу побрзо.

Роботите преземаат?

Уште еден тренд кој веќе е очигледен е дека линијата на разделување меѓу луѓето и роботите продолжува да се брише. Машините, со помош на вештачка интелигенција, се сѐ поспособни за самостојна интеракција со луѓето, а наскоро би можеле да заменат многу работни места. Но не само тоа - тие можат да работат и заедно со луѓето.

„Ние сме изложени на технологија која ја олеснува интеракцијата меѓу роботите и луѓето, толку многу што тоа е речиси исто како двајца луѓето да комуницираат", вели Мохамад Мехди Монири од германскиот Истражувачки центар за вештачка интелигенција. Со очила за  виртуелна реалност, тој единствено треба да ги движи прстите низ воздухот пред него за роботот кој се наоѓа во близина да се движи соодветно.

Овој вид на тимска работа може да помогне при извршување на опасни задачи, како деактивирање на бомба или работа во простори со штетни хемикалии. „Можете да испратите робот каде што не можете да испратите луѓе, а потоа да ја контролирате целата работа од тука“, објасни Монири.

Од друга страна, технологијата може да му помогне на еден парализиран човек повторно да оди. Американската фирма „Ексо Бионик“ и „Водафон“ заеднички развија таканаречен ексоскелет - структура слична на робот кој луѓето можат да го носат на себе и кој им помага да одат. Виртуелниот нервен систем реагира на движењата на горниот дел од телото и согласно тоа ја придвижува едната нога пред другата.

Deutschland Cebit in Hannover - Cockpit eines selbstfahrenden Traktors
Фотографија: DW/A. Becker

Ексоскелетот чини околу 120 илјади евра и во моментов се користи само во болниците. Исто така, пациентите и натаму мора да носат патерици и им е потребно уште едно лице за поддршка. Но крајната цел е овој робот да биде подготвен за секојдневна употреба.

Нашите животи ќе се променат, тоа е јасно не само од примерите погоре. Технологијата ќе го трансформира бизнисот исто како и секојдневниот живот. Саемите како Цебит даваат увид како иднината може да изгледа. Организаторите очекуваат повеќе од 200.000 посетители.