1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190809 Elektroauto Bundesregierung

20 август 2009

Во време кога полека се трошат резервите од гориво, германската влада се реши за пресврт кон користење на електромотори за погон на автомобилите. Беше претставен Национален развоен план за електромобилност.

https://p.dw.com/p/JEaH
Фотографија: DW

По Франција, Велика Британија, САД и Јапонија, сега и Германија, самонаречениот еколошки и климатски светски првак, има намера во голем стил да ја поттикнува електромобилноста. Поставена е висока цел, но заедничка на обете водечки партии.

„Електромобилност за многумина е сон за индивидуален сообраќај без издувни гасови и без бучава“, рече министерот за стопанство Карл-Теодор цу Гутенберг. Неговиот колега Волфганг Тифензе од ресорот за сообраќај надополни:

„Преку 100 години имаме мотор со внатрешно согорување и зависност од нафта. Сега навлегуваме во нова ера, ера на мобилност со обновливи енергии“.

Претстои долг пат

Натпреварот за електро-автомобил ќе биде тежок, а Германија не може да го одмине барањето за воведување такви возила на пазарот, се вели во усвоениот Национален акционен план.

„На среден рок електромобилноста може значително да го подобри животниот квалитет на секого. Но, до таму води подолг пат, по кој сакаме да тргнеме. Цел ни е Германија да ја направиме водечки пазар за електромобилност“, истакна министерот за стопанство.

BdT 18.02.09 Mini E Elektroauto von BMW
Струја наместо бензинФотографија: picture alliance/dpa

Владата веќе сега, во рамките на конјунктурната програма, го поддржува развојот на електромобилност со 500 милиони евра за период од три години. Министерството за екологија не успеа да го протурка својот првобитен план, сегашнава влада да донесе решение за премија од 5 илјади евра за подоцнежно купување автомобил на електричен погон. И едно од автомобилските здруженија, Сообраќајниот клуб Германија, се искажа против стимуланс за купување електромобили и побара финансиска поддршка за енергетски ефективни возила, независно од видот на погонот.

План во три фази

Националниот акционен план треба да помогне до 2020 година на германските патишта да се најдат еден милион електромобили. До 2012 веќе треба да ги има 100 илјади. На почетокот од годинава во Германија имаше вкупно 1452 возила на електричен погон. Министерот за сообраќај Тифензе зборуваше за план во три фази:

„Во првата фаза сакаме со модел-проекти да ги истражиме сите аспекти на електромобилноста. Во втората, од 2012 до 2017, треба да го унапредиме присуството на такви возила на пазарот и потоа да постигнеме соодветни скалести ефекти. Електромобилноста треба да придонесе возењето автомобили да остане исплатливо“.

Националниот акционен план треба првенствено да го унапредува истражувањето и изградбата на неопходната инфраструктура. За реализација ќе биде подготвена национална платформа со преставници од политиката, индустријата, науката и потрошувачите.

Avtor: Герхард Ирмлер/Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска