1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов ќе треба да се рехабилитира кај македонските Албанци

9 април 2009

Гласачите од албанскиот политички блок се‘ повеќе ја почитуваат личната определба за кандидатите и помалку ги слушаат партиите и лидерите. На претседателските избори тие излегоа на гласање во мал број.

https://p.dw.com/p/HRxz
Иванов треба да биде прифатен од сите граѓани, велат експертитеФотографија: AP

По вториот круг на локалните избори со 16 општини ќе раководат градоначалници – Албанци. ДУИ има градоначалнички места во 13 селски општини и само Струга како поголем градски центар. ДПА им го одзеде Тетово и тоа е единствената општина, со која ќе раководи партијата на Мендух Тачи. Независниот Руфи Османи и‘ ја одзеде на ДУИ градоначалничката фотелја во Гостивар.

Легитимен „татко на нацијата“ – само со доверба од сите етнички заедници

Гласачите – Албанци го кажаа своето и за претседателските избори: во вториот круг со излезност од само 1,5 отсто во Желино до најмногу 15 отсто, колку што беше во Студеничани, Скопско.

„Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорѓе Иванов ќе мора да преземе своевидна постизборна кампања меѓу албанскиот електорат во Македонија, ако сака да биде претседател на сите граѓани, со целосна легитимност во вршењето на својата функција“ предупредува политичкиот аналитичар од Скопје Ибрахим Мехмети. Според него, ова е потребно заради: „...сепак, на некој начин да се рехабилитира позицијата на претседател.“

Во спротивно, смета Мехмети: - „...нема да биде прифатен од сите граѓани и со тоа ќе биде доведена во прашање неговата легитимност како ’татко на нацијата’ и како претставник на сите граѓани.“

Debar Stadt, Mazedonien
ДебарФотографија: Petar Stojanovski

На кои прашања би требало да се сконцентрира Ѓорѓе Иванов во еден ваков потег? Мехмети вели: „Охридскиот договор и се‘ она што се однесува на специфичните потреби и аспирации на Албанците. Односно, претседателот треба да каже јасен став: на кој начин ги разбира тие прашања, како мисли тој да се однесува кон нив, за да имаме комуникација меѓу претседателот и оваа етничка заедница.“

Албанското бирачко тело манифестира демократско зреење и отпор кон партиските диктати

Што велат, пак, експертите за ставот на гласачите– Албанци кон нивните партии?

„Кај нив созрева демократска култура“, категоричен е професорот по политички науки Димитар Мирчев од ФОН универзитетот од Скопје. Мирчев во овој контекст посочува: „Мнозинството бирачи – Албанци веќе здобиваат политичко искуство, политичка зрелост и култура, исто како и македонското мнозинство и се‘ потешко ќе биде да се манипулира со нив.“

Осман Кадриу, професор по уставен и политички систем од истиот универзитет, дополнува: „Електоратот почнува добро да размислува за кандидатите, сега помалку ги слуша партиите и лидерите, отколку својата лична определба во однос на кандидатите. Дојде време навистина да се ценат други критериуми, а не само оној така наречен ’партиски клуч.“

Tetovo, Mazedonien
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Зошто ДУИ претрпе пораз во Тетово и во Гостивар? Доктор Кадриу вели: „Граѓаните почнуваат да не им веруваат на старите програми, идеологии и платформи, што ги нудат овие партии. Значи, затоа се бараат нови решенија, се бараат нови политички субјекти.“

Се‘ на се‘, аналитичарите и експертите ги наоѓаат токму тука причините зошто, всушност, не профункционира целосно договорот меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ за заемна поддршка на локалните и претседателски избори. Експертите прогнозираат и ново рекомпонирање на соодносот на силите во албанскиот политички блок со еден веќе формиран нов силен фактор – сочинет од голем број граѓани, кои размислуваат се‘ повеќе со својата глава и кои се незадоволни од црно – белата политичка шема и од партиските елити, кои нив со години ги третираат како најобична гласачка машинерија.


Автор:Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска